Невладините бараат итно да прекине изборот на нови членови во Судски совет

Итно да се прекине со постапката за избор на нови членови во Судскиот совет на Република Северна Македонија (ССРСМ), побараа од Блупринт групата за реформи во правосудство во која се обединети повеќе невладини организации.

Доколку продолжи ваквиот процес, тие велат дека како крајно средство за спречување на понатамошното незаконско и нелегитимно постапување на Советот ги повикуваат судиите кои треба да гласаат на изборите за членови на Судскиот совет, од судовите во Аплеациското подрачје Скопје и Врховниот суд на Република Северна Македонија да го бојкотираат процесот за избор на членови поради нелегитимноста на Судскиот совет на РСМ.

„И покрај реакциите од домашните и меѓународните организации и експерти за несоодветното постапување на Судскиот совет во изминатиов период, сепак нивното работење укажува дека се продлабочува јазот и недовербата која постои помеѓу нив и македонската јавност“, велат од Блупринт групата.

Тие наведуваат дека последен ваков пример е постапката за избор на нови членови во Судскиот совет од редот на судиите каде како кандидати се утврдени судии за кои се водеше и се води постапка за утврдување на нестручно и несовесно работење.

„Постапката за утврдување на нестручно и несовесно работење е итна и роковите за нејзино спроведување се утврдени во Законот за ССРСМ. На вака јасно уредена законска постапка останува нејасно кои се причините поради кои Судскиот совет подолго време нема донесено каква било одлука за поднесено барање против судија или претседател на суд во врска со вршење на нивната функција, со што основано се фрла дополнителен сомнеж на интегритетот на постоечкиот состав на ова тело. Постапката за утврдување одговорност заврши еден ден пред ССРСМ да ја утврди кандидатската листа за членови на ССРСМ. Би сакале да потенцираме дека одлуката за запирање на постапката за одговорност сѐ уште не е објавена, ниту е правосилна за да може јавноста да се запознае со причините за запирање на истата. Ваквото однесување на ССРСМ фрла сомнеж vis-à-vis кандидатот за член на ССРСМ. Од друга страна може да се забележи и неконзистентно постапување на членовите на ССРСМ кога е во прашање нивниот „формализам“ околу прифаќање на условите за исполнување на таксативно наброените документи потребни за кандидатура за член на ССРСМ“, стои во соопштението на Блупринт групата.

Невладините потсетуваат дека поради ваквите постапки постои ризик и понатаму да се поткопа довербата во судството, а состојбата би се надминала доколку целосно се промени составот на Судскиот совет со кандидати кои се истакнати правници со докажано искуство, кои поседуваат интегритет и високи морални и етички квалитети.

„Затоа предлагаме да се прекине со постапката за избор на нови членови во ССРСМ и да се почека Оценската мисија за оценување на работата на Судскиот совет во изминатиот период, да даде свое видување за постоечката состојба во работењето на ССРСМ, а потоа да се продолжи постапката за комплетирање на Судскиот совет на РСМ. Посебно сакаме да ја нагласиме изјавата на г. Дејвид Гир амбасадор на ЕУ во РСМ, но и реакциите на останатите амбасадори во нашата земја кои будно ја следат работата на Судскиот совет и неговото постапување во последниов период. Тие ја нагласуваат потребата да се преиспита работењето на ова тело во насока на обезбедување на независно, непристрасно работење на судството и подигање на интегритетот на судиите“, додаваат од Блупринт групата.

Реакцијата на Блупринт групата за реформи во правосудството е поддржана од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), Институтот за европска политика (ЕПИ), Институтот за човекови права (ИЧП), Коалицијата „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншкиот комитет за човекови права и Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА).