„Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски е претставник за книжевната награда „Балканика“

„Невидливи љубови“ од авторот Владимир Јанковски е македонскиот претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“.

Жири-комисијата за избор на национален претставник, во состав на д-р Александар Прокопиев, претседател и членовите д-р Ермис Лафазановски и д-р Елизабета Шелева, образложи дека најголемата предност на оваа романескна проза се состои во нејзината афористичност, концизност, перцептивна свежест – што придонесува, како што велат тие, на оригинален начин, одново да ги открие и доживее денешната стварност и светот, кој цврсто го стега човекот во сопственото менгеме и императивот на баналноста.

Покрај тоа, не помалку важен квалитет на прозата на Јанковски, е  тоа што наспроти вообичаениот и помодарски дух (или, императив) на цинизмот и нихилизмот со својот став и јазик, таа ја негува вербата во неприкосновената чистота и благородност на човековите пориви, смета жири-комисијата.

Романот „Невидливи љубови“, кој опфаќа три приказни е објавен минатата година од издавачката куќа „Антолог“.

„Балканика“ е најреномираната книжевна награда во балканскиот регион, како и една од позначајните во Европа. Основана уште во 1996 година, таа претставува редок пример на одржлива културна соработка меѓу државите од регионот.