Владимир Јанковски: Опседнати сме со набљудувањето, а ги затапивме другите сетила

Деновиве од печат излезе вториот роман на Владимир Јанковски „Невидливи љубови“, кој ќе биде промовиран во вторник, на 10 ноември, во галеријата на МКЦ. Неколку дена пред промоцијата, во интервју за Радио МОФ, авторот зборува за новиот роман, за предизиците кои стојат пред младите писатели, но и за Скопје како град кој е украден и претворен во карикатура на себеси.

Деновиве од печат излезе вашиот втор роман „Невидливи љубови“, кој , како што се наведува во поговорот, преиспитува некои од клучните аспекти на современата љубов. Зошто оваа тема? Што прави оној кој, секогаш кога ќе се доближи до девојката во која е вљубен, станува невидлив?

Темата за која еден писател пишува најчесто е комбинација од она што него го опседнува и некои аспекти од општеството во кое живее за кои смета дека треба да проговори, да каже нешто, да пишува. Во време кога целосно сме опседнати со фотографиите, со видеата, со аматерските снимки што секојдневно се снимаат во огромни количини, се чини дека целото спознание главно е посредувано од визуелното. Станавме суштества што гледаат, можеби и попасивната верзија, што набљудуваат, што се опседнати со гледањето, а речиси ги затапивме сите други сетила. Се обидов да ја „преиспитам“ оваа егзистенцијална ситуација на современиот западен човек низ три различни приказни, три различни варијации на „темата“. Секако, целта не беше да дадам некои едноставни одговори на поставените прашања, туку, како што тоа секогаш уметноста правела, да придонесам во дебатата. А можеби и барем малку да ги усложнам нештата поврзани со ова прашање. Бидејќи тоа треба да биде една од обврските на уметноста – да укажува на деталите, на нијансите, да се бори против поедноставувањето на феномените. Речиси досадно да повторува дека животот е во деталите.

А што прави оној кој, секогаш кога ќе се доближи во девојката во која е вљубен станува невидлив? Првиот одговорот на кој помислив кога ми го поставивте ова прашање беше: „Прочитајте го романот, па ќе видите!“ Сега, сепак, додавам: Открива некои работи – за себе, за другите, за околината, за светот што го опкружува – за кои пред да му се случи таа појава не бил свесен дека воопшто постојат. Почнува да се менува, светот да го гледа од една поинаква перспектива, со поинакви очи. Тоа е почетната точка на речиси секоја книжевна ситуација – ликот се наоѓа во нешто ново, нешто што на некој начин го менува неговиот поглед на нештата, нешто што ќе го натера да се промени. Тоа се оние интригантни егзистенцијални ситуации и во животот, миговите кога ќе бидеме доведени до некој раб што ќе нè присили да направиме нешто поинакво, да осознаеме нешто што претходно не сме го знаеле, па, дури, можеби и не сме го насетувале. Да си дозволиме да биде нарушена цврстата почва на која дотогаш сме стоеле. Секако, од литерарна гледна точка, оваа ситуација си поигрува и со некои карактеристики на бајката, која како жанр секогаш во себе ја содржи иницијацијата.

Машките ликови во романот се набљудувачи на девојките во кои се вљубени, ја бираат илузијата наспроти реалноста, создаваат своја реалност. Дали е тоа можеби и ваша „дијагноза“ за времето во кое живееме, дали илузијата е неопходна за да се преживее?  

Се чини дека секоја реалност е „своја реалност“. Да се обидеме независно еден од друг да раскажеме што се случувало додека сме го правеле овој разговор. Ќе добиеме два различни, можеби не сосема, но сепак различни описи. Тоа е и едната од темите на романот – како фикцијата драматично влијание на нашите животи, без ние воопшто да ја дефинираме како фикција. На пример, тоа постојано ни се случува додека поминуваме време на најпопуларната социјална мрежа. Речиси никој од нас не е свесен дека и она што ние го добиваме како „содржина“ од нашите „пријатели“, или од медиумите и огласувачите кои платиле нивните реклами да ни се појават на нашиот „ѕид“, дека целата таа „содржина“ е посредувана, естетизирана, комерцијализирана, дека она што го гледаме пред нас не е „пореалистично“ од некоја цртана бајка, која од почетокот веќе сме ја ставиле во одредена жанровска или гносеолошка фиока. А најголемиот број од нас веруваат дека тоа не само што е реалноста, туку тоа е и нашиот живот. Илузијата отсекогаш била потребна како начин за преживување. Да се присетиме на примарната ситуација во која луѓе се собрани околу оган и ја слушаат приказната што најумешниот раскажувач меѓу нив ја раскажува.

Оние кои ве познаваат знаат да прокоментираат дека текстот во роман ве отсликува вас , и како човек и како писател. Колку автобиографско има во „Невидливи љубови“?

Секоја книга на секој писател е еден фрагмент од неговата автобиографија. Без разлика за што пишува. Невозможно е да пишуваш за тема што не е дел од твоето постоење, за тема за која не размислуваш, во крајна линија, за нешто за кое немаш одредено искуство. Секако, при пишувањето секогаш треба да се случи одредена трансформација, алехемиска реакција што твоето искуство или мисли ги подигнува на рамниште привлечно и за некои кои воопшто не те познаваат. Таа алхемија е една од најубавите причини за творештво – можноста преку него да допреш некој за кој додека си пишувал воопшто не си ни мислел дека постои.

Во вашето досегашно творештво се издвојуваат две теми, љубовта и градот. Колку го сакате Скопје, градот во кој живеете и како ги доживувате измените на неговиот лик во центалното подрачје направени последниве години?

Да, од пет објавени книги три го имаат силниот печат на Скопје. Во „Невидливи љубови“ веќе се случува таа отстапка од доминацијата на Скопје. Една од причините за тоа лежи во чувството дека Скопје во изминативе 5-6 години е страшно деформирано, уназадено и уништено. Која споредба и да ја одберам – дека градот се претворил во некоја карикатура на себеси, дека градот добива некој свој гротескен облик, дека „градот е украден“ – ми се чини недоволна да го опише она што му се случи на Скопје. По земјотресот, Скопје требаше да биде град на солидарноста. Отворен град. Град во кој ќе се слеат некои нови енергии. Голем број скопјани својот дом го стекнаа благодарение на нечија туѓа донација. Во последниве неколку години ги уништуваме темелите врз кој овој град беше изграден. Денес Скопје е страшно брутален град, во кој цела енергија и ресурси се вложуваат за да се раскаже една приказна за монолитен идентитет. Град во кој се слави моќта и отсуството на дијалог. Град преполн со маскулизирани, мачистички и милитантни симболи кои до бескрај верглаат една до бесвест лажна и здодевна приказна. Секако, тоа не може да не се одрази на луѓето и на нивното однесување, систем на вредности, начин на живот, манири.

Последниве години македонската писателска сцена полека ја преземаат младите автори. Кои се најголемите предизвици поставени пред нив и колку сте задоволни од тоа што се случува во издаваштвото кај нас?

Најголем предизвик е немањето доволно читателска публика. Тоа е полето во кое треба да се вложи дополнителна енергија, да се обединат силите. Има добри издавачки проекти, квалитетни книги од странски и од домашни автори, но се чини дека сите тие книги допираат до сè помал број луѓе.

Поминаа пет години помеѓу објавувањето на двата романа. Што правеше Владимир Јанковски во овој период,  и дали публиката ќе треба да чека уште толку, за да прочита нешто ново од вас?

Пет години можеби и не е толку многу време за пауза меѓу една и друга книга. Пишувањето често е бавна работа, еден вид талкање низ лавиринт во кој многу навлегувате во погрешни улички, по долго време се враќате на местото од каде што се почнале, само за да сфатите дека мора сосема да го смените начинот на движење. Убавото во целата таа навидум сизифовска работа е што секое застранување е корисно, зашто е поврзано со некои нови искуства, животни и естетски. Сакам кога врз книгата е истетовирано силното присуство како на животот, така и на патот кон сопствените внатрешни простори. Иако живееме во време во кое брзината е една од главните преокупации и опсесии, уметноста најчесто е дел од алгоритамот на бавноста, смиреноста, чекањето и трпението.

Ј.Ј.