Нема шанси да ја промениме одлуката за абортусот, вели потпретседателот на полската влада

Вицепремиерот на Полска и лидер на владејачката конзервативна партија „Право и правда“ Јарослав Качински на стотиците илјади жени кои веќе шести ден протестираат против речиси целосната забрана на абортусот, им порача дека нема шанси да се промени пресудата на Уставниот суд, а Полјаците ги повика по секоја цена да ги бранат црквите од протестите на жените, пренесува српски „Н1“.

„Тоа е обврска на државата, но и на граѓаните. Особено мора да ги одбраниме полските цркви. По секоја цена. Ги повикувам членовите на ‘Право и правда’ и оние што нè поддржуваат да учествуваат во одбраната на црквите“, порача Качински на социјалните мрежи.

Качински се обрати за првпат откако од четвртокот стотици илјади Полјаци на улиците секојдневно бараат да се врати можноста за абортус доколку плодот е тешко оштетен или доколку на бебето му се заканува неизлечива фатална болест и краток живот во неискажливи страдања, која Уставниот суд минатата недела ја означи како неуставна.

Во врска со протестите на жените кои се одржаа за време на богослужби во неделата на повик на „Женскиот штрајк“, организација основана по повод претходните обиди од 2016 година на владејачките конзервативци за целосна забрана на абортусот во Полска, Качински рече дека протестите пред црквите се „подготвен напад за уништување на Полска“.

„Тоа треба да доведе до победа на силите, чие владеење ќе стави крај на историјата на полскиот народ“, рече Качински.

Иако секоја вечер групи демонстранти доаѓаат пред неговата куќа, Качински се огласи тек вчера, бидејќи претпладнето за време на седницата на Сејмот на полскиот парламент, неколку жени од опозициската „Левица“ мирно стоеја пред неговата парламентарна клупа.

За време на еден од протестите деновиве, „Би-Би-Си на српски јазик“ пишува дека илјадници луѓе ги блокирале патиштата ширум земјата, додека во Варшава биле блокирани главните раскрсници. Многумина носеле транспаренти на кои пишувало „Би сакала да ја абортирам власта“, а блокади се организирале во околу 50 градови ширум земјата.