Нема комунални полицајци во општините, а законот не е готов и по четири години

Воведувањето на комунална полиција во општините, која ќе се грижи за локалниот комунален ред, чистота и зачувување на животната средина, останува ветување кое нема да биде исполнето во мандатот на оваа Влада. Иако оваа нова служба беше предвидена во Програмата на Владата 2020-2024 во делот за животна средина како проект кој ќе започне да функционира уште во 2021 година, сепак, ниту три години подоцна, на улиците нема комунални полицајци. Не е готов ниту законот што би ги регулирал правата и обврските на оваа нова служба, а првичната законска верзија е заглавена во бесконечни административни процедури и префрлања на надлежности. Од тука, може да се заклучи дека ова ветување е неисполнето, пишува агенцијата Мета.мк.

Според Програмата на Владата, комуналната полиција требаше да ги надополни инспекциските служби и еко патролите со цел да се зајакне контролата врз сите кои загадуваат.

„Ќе предложиме закон со кој ќе се формира комунална полиција на локално ниво, со која ќе можат досегашните комунални инспектори и Еко патроли заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности: одлагање на отпад на места кои не се предвидени за тоа, создавање на диви депонии од градежен и мешан комунален отпад, палење на гуми и останати високоштетни материи, палење и уништување на контејнери и сл. со мандатни казни. Комуналната полиција ќе почна да функционира во 2021“, стои во Програмата.

Министерката за животна средина Каја Шукова минатата година рече дека чистењето на дивите депонии по општините е бесцелно, доколку тие повторно се создаваат. Таа посочи дека е потребно да се воведе комунална полиција која ќе може на лице место да изрекува казна на овие сторители.

Од Министерството за животна средина потврдуваат дека законот за комунална полиција сè уште не е готов и дека треба да се работи на конечната верзија.

„Во однос на воведувањето на комуналната полиција постои драфт верзија на концептот на Законот, а ќе се доработува во рамките на техничката помиш во проектот за отпад од ЕБРД“, посочуваат од Министерството.

Воведувањето на комунална полиција ќе значи давање право на општините да изрекуваат мерки и да преземаат активности за почитување на комуналниот ред, јавната хигиена, заштитата на зеленилото, водите, јавните површини, загадувањето на воздухот и почвата, одлагање на отпадот, одржување и безбедност на настаните од локално значење, заштита на имотот и објектите во сопственост на единиците на локалната самоуправа и имотот и објектите на установите основани од локалната власт. Комуналните полицајци ќе можат и да помагаат кога општинските инпектори ќе вршат инспекциски надзор.

Закон за комунална полиција е долгогодишно барање на ЗЕЛС, велат во Заедницата на единици на локалните самоуправи, и посочуваат дека минатата година првичната верзија изработена од Град Скопје на нивна иницијатива била дополнета со мислења и од општините.

„ЗЕЛС и градоначалниците за оваа иницијатива во разни прилики досега ги имаат запознаено повеќето министри во Владата од каде е добиена начелна поддршка за ваква нова надлежност на општините, но е потребно усогласување со останатите прописи што се во сила во нашето законодавство. По опсежна дискусија на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС во ноември минатата година, беше заклучено да се формира работно тело од градоначалници и професионални лица од администрацијата од општините Крива Паланка, Ѓорче Петров, Куманово, Центар, Студеничани, Охрид, Бутел, Чаир и Град Скопје, посочуваат од ЗЕЛС.

Велат дека побарале членови да номинираат и министерствата за  внатрешни работи, транспорт и врски, локална самоуправа и од  Секретаријатот за законодавство, но формирањето на работната група заради изборите ќе се одложи за неколку месеци.

„Работната група ќе треба да ги утврди сите правни пречки за ваква нова надлежност за локалната самоуправа и да предложи одредби за понатаму да се изменат, дополнат или усогласат поединечните прописи што се на сила“, велат од ЗЕЛС.

Освен Владата, можноста за воведување комунална полиција во своите програми предвидоа и многу градоначалници, меѓу кои и градоначалникот на скопската општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Од оваа Општина велат дека за реализација на ова ветување ги очекуваат потребните законски измени.

„Ве информираме дека за реализација на проектот „Еко Полиција“, неопходни се законски промени и во таа насока истите како проект се подготвуваат на ниво на повеќе општини, преку Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС)“, стои во одговорот од Аеродром, пренесува Мета.мк.

Инаку, Радио МОФ веќе истражуваше и анализираше на темата за комунална полиција. Според разговорите што ги имавме со повеќе луѓе релевантни на темата, потреба за комунална полиција гледаат и активисти, и Комунална хигиена, и во Инспекторатот на Град Скопје, но и скоро сите општини, кои немаат соодветен буџет, опрема, возила, мали се казните (пример, 50 евра за исечено дрво). Дополнително, слаба е координацијата со градските и државните инспектори, немааат доволно комунални редари/инспектори, а и немаат можност да легитимираат лице без присуство на полицаец. Со ваквата апсурдна ситуација, многу лица остануваат неказнети. Со тоа, многу од инспекторите намаат волја да работат, не се мотивирани и се подложни на корупција.

Од друга страна, комунална полиција не е нешто ново во регионот. Во Белград, Подгорица и Тирана има слични служби, со ингеренции од типот: да утврдуваат идентитет, да се грижи за јавен простор, да контролира дивоградби, спречуваат питачење, контролираат угостители за бучава, запираат возило во сообраќај итн.

Локални полициски органи има и низ други европски земји и воопшто низ светот. Обично се финансирани од локалниот буџет и во одредени случаи имаат помалку овластувања од националната полиција. Најчесто се формираат токму за да се олесни работата на полицијата. Во Германија има градска полиција, во Словачка и Турција општинска полиција, во Полска е местна стража, Словенија – градски контролори, а во Литванија имаат Оддел за јавен ред.