Граѓаните сè уште чекаат воведување на комунална полиција

Комуналната полиција, чија задача меѓу другото треба да биде обезбедувањето чистота во општините и намалување на загадувањето, сè уште постои само на хартија. Во програмата на Владата која се однесува на животната средина и проектите кои ќе се реализираат од 2020 до 2024 година, стои дека во овој период ќе треба да се изработи и донесе Закон за комунална полиција, а службата да се формира и да започне да функционира во 2021 година, објави Мета.

„Ќе предложиме закон со кој ќе се формира комунална полиција на локално ниво, со која ќе можат досегашните комунални инспектори и Еко патроли заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности: одлагање на отпад на места кои не се предвидени за тоа, создавање на диви депонии од градежен и мешан комунален отпад, палење на гуми и останати високоштетни материи, палење и уништување на контејнери и сл. со мандатни казни. Комуналната полиција ќе почне да функционира во 2021 година“, стои во програмата на Владата.

Со оглед на тоа дека во 2023 година сè уште нема ниту Нацрт-верзија на законот, а уште помалку комунални полицајци на улиците, Мета заклучува дека ова ветување е неисполнето.

Прашањето за комуналната полиција неодамна повторно го отвори новата министерка за животна средина Каја Шукова и најави дека ќе се заложи да се реализира. Шукова потврдува дека донесувањето на ваков закон е ставено во програмата на Владата и дека сака да го реафирмира тој процес.

Таа предлага, како еден од можните начини на намалување на загадувањето и контрола на горивата кои ги користат домаќинствата и фирмите за затоплување, да се формира комунална полиција со специфични надлежности и можности за санкционирање, кои ги немаат државните и општинските инспектори за животна средина.

Комуналните полицајци, според Шукова треба да се лица со посебни овластувања кои ќе прават контрола, надзор и санкционирање на секојдневна основа, кои ќе бидат постојано на терен и ќе имаат свои реони, а ќе можат да постапуваат по разни основи, но главно за управувањето со отпад и за загадувањето. Комуналните полицајци ќе имаат овластувања да го санкционираат секој кој ќе прави престап во однос на загадување и фрлање отпад.

И претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски најави дека прашањето за законот за комунална полиција ќе го постави на дневен ред на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС и дека ќе бара поддршка за негово донесување од сите градоначалници. Тој смета дека законот мора што побрзо да се донесе бидејќи е неопходен за да се воспостави ред во општините и апелираше до Владата итно да го изработи, пишува Мета.

Инаку, Радио МОФ лани истражуваше на темата. Тогаш раководителот на Инспекторатот на Град Скопје, Мирослав Богдановски посочи дека комуналната полиција дошла како идеја бидејќи се соочиле со бројни проблеми на терен.  Од неможност за легитимирање на лица-сторители, „врзани раце“ на инспекторите, некоординација со општинските и државните инспектори… Оттука, направиле текст, своевиден предлог-закон за комунална полиција, по примерот на Белград, каде е ваквата служба е основана во 2010 годиа, а од 2016 станува Секретаријат за комунална полиција. Тој Секретаријат има ингеренции и да отстранува возила од јавни површини, се грижи ја јавните простори, спречува питачење, контролира градилишта и дивоградби, контролира угостители и ниво на бучава, спроведува надзор на јавниот простор и др.

Во Белград, во просек има еден комунален полицаец на 5.000 жители. Комунална полиција постои и во Подгорица, додека во Тирана е формирана „општинска полиција“.

Локални полициски органи има и низ други европски земји и воопшто низ светот. Обично се финансирани од локалниот буџет и во одредени случаи имаат помалку овластувања од националната полиција. Најчесто се формираат токму за да се олесни работата на полицијата. Во Германија има градска полиција, во Словачка и Турција општинска полиција, во Полска е местна стража, Словенија – градски контролори, а во Литванија имаат Оддел за јавен ред.

Лесно се заборава на ветувањето за комунална полиција

Во Скопје, пак, скоро сите скопски општини гледаа потреба да се формира градска комунална полиција. Аргументите се движат од тоа дека се зависни од МВР, имаат потешкотии за легитимирање, честа мета се на напади, па се’ до недоволна екипираност, мал буџет и ниски казни со кои се соочуваат нивните комунални редари и инспектори.

Од друга страна, иако инспекторите немаат можност да легитимираат лице и, со сите проблеми немаат ниту волја да санкционираат разни прекршувања, а, од друга страна, се чини дека чистотата на јавните простори не е ниту приоритет на полицајците од МВР. Тоа го покажува официјалната статистика. По членот 14 од законот за јавна чистота (фрлање хартија, пикавци, мастики, амбалажи, испуштање отпадни води, недозволено сечење дрвја и сл.) во периодот од 10 години, меѓу 2012 и 2021 има само 333 наплатени налози, за цела Македонија. Најмалку има во 2016 година – само 16, а највеќе во 2015 – 72.