Нема казна за директорот кој ги повикуваше прилепските гимназијалци на протест

Државниот просветен инспекторат, по спроведената контрола, не најде неправилности во однесувањето на директорот на Прилепската гимназија Кире Николоски, кој на видео на социјалните мрежи можеше да се види како поттикнува ученици да се приклучат на протестите „За заедничка Македонија“.

„Врз основа на контролата спроведена од Инспекторатот во С.У “Мирче Ацев“ во Прилеп не се исполнети условите од членот 109 став 1, алинеја 1 и став 2 од Законот за средно образование за постоење на прекршок и изрекување санкција.“ – соопштиле од Државниот просветен инспекторат.

Николоски претходно ја потврди веродостојноста на снимката, но, негираше дека ја злоупотребил својата функција, додавајќи дека дел од неговата работа била и јакнење на националниот дух кај учениците.

Народниот правобранител, Иџет Мемети, за телевизијата АлсатМ изјавил дека инспекторатот не смее да се однесува на ваков начин и најави дека ќе отвори постапка да се утврди дали Инспекторатот работи согласно законот или и тие се политизирани и се обидуваат да скријат јавни докази.

Повеќе организации и родители на ученици побараа одговорност за постапките на директорот на Гимназијата, а до него беа поднесени и две кривични пријави – за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Присилба“ и „Малтретирање во вршење на службата“.