Поднесени две кривични пријави против директорот на прилепската гимназија

Директорот на прилепската гимназија „Мирче Ацев“, Кире Николоски, доби две кривични пријави. Со првата пријава која ја поднесе Општинската организација на СДСМ-Прилеп, Николоски се сомничи дека ги сторил кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Присилба“ и „Малтретирање во вршење на службата“.

Според подносителот на пријавата, во деновите 13, 14, 15 и 16 март 2017 година, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување и без претходно донесена одлука на Управниот одбор на училиштето, Николоски ги организирал, поттикнувал и им овозможил на учениците да го напуштат воспитно-образовниот процес. Во исто време, директорот ги поттикнувал и им овозможил на ученици од други училишта со знамиња и пароли да влезат во СОУ „Мирче Ацев“, со цел истите да учествуваат во протестите кои се однесуваат на политички прашања а кои се организирани од иницијативата „За заедничка Македонија“. Истовремено, Николоски на дел од професорите од позиција на моќ, со закани и опомени им ги одземал дневниците за работа, со цел да не биде евидентирано отсуството на учениците од наставата.

Поднесената кривична пријава, по истите основи, се однесува и на директорот на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“, Жарко Темелкоски, како и на НН лица вработени кај прво и второпријавениот.

Втората кривична пријава против Николоски, за злоупотреба на службената положба и овластување, ја поднесе родител чие дете е ученик во прилепската Гимназија.

На барање на родителите на дел од учениците во СОУ „Мирче Ацев“ се одржа средба со Николоски, на која родителите од директорот побараа итно свикување состанок на Советот на родители на кој би се изнеле сите забелешки на родителите поврзани со настаните од изминатите неколку денови.

СДСМ соопшти дека ги поддржува родителите кои поднесоа кривични пријави.

„Никој нема право да принудува деца да бојкотираат настава за да одат на националистички протести на кои се шири етничка омраза. Ниту пак е дозволиво да не ги заштити децата, независно дали се работи за раководство на училишта, на општини или надлежни органи што имаат должност да реагираат. Надлежните институции мора да постапат против секој во училиштата или задолжен за нив, кој ја злоупотребува својата функција или позиција за овие цели и на тој начин ја загрозува и безбедноста на децата“, пишува во соопштението на партијата.