Некогашниот најголем саем за видеоигри Е3 згасна засекогаш

Електронскиот забавен саем (Electronic Entertainment Expo), попознат како Е3, кој години наназад беше најголемиот настан во гејминг индустријата, најави дека повеќе нема да се одржува.

„По повеќе од две децении Е3, секој поголем од претходниот, дојде време да си кажеме збогум. Ви благодариме на спомените. GGWP (добра игра, одлично изиграно)“, напишаа организаторите во соопштението до јавноста.

Саемот за оваа година веќе беше откажан, откако аналитичарите утврдија дека настанот не успевал да остане релевантен.

Е3 последен пат се одржа во 2021 година виртуелно, додека последен пат саемот со физичко присуство се одржуваше во 2019 година.

Саемот започна да се одржува во Лос Анџелес во 1995 година, веднаш по лансирањето на Плејстејшн и една година по објавата на Нинтендо 64. Во 2005 година на Е3 за првпат беше прикажан Икс-бокс 360, Плејстејшн 3 и прототипот на Нинтендо Вии. Тоа беше најпосетуваниот саем досега, кој според гејминг сајтот „IGN“ привлекол 70.000 посетители.

Сепак откако големите играчи како Нинтендо, Убисофт и Сони започнаа да ги објавуваат новите игри на нивни сопствени настани, Е3 стана се` помалку релевантен и не успеваше да ги добие оние ексклузивни промоции кои ги имаше во минатото.