Небојша Јовановиќ, КинеНова: Со фестивалот сакаме да им дадеме простор на младите филмски автори

Во недостиг на фестивал кој целосно ќе им обезбеди простор на младите филмаџии за да ги претстават своите дела, режисерот Небојша Јовановиќ и група млади ентузијасти решија да го организираат првиот независен интернационален фестивал на дебитантски филмови насловен „КинеНова“. Фестивалот, кој ќе се одржува од 5 до 9 октомври на неколку локации во Скопје ветува богата филмска програма со бројни млади автори од целиот свет. Во разговор за Радио МОФ, Јовановиќ, кој е и еден од директорите на фестивалот, се надева дека „КинеНова“ ќе придонесе во промовирање на македонската кинематографија и дека публиката ќе го препознае овој настан.

Небојша Јовановиќ

„Ова е моја лична идеја, бидејќи јас сум филмски автор и режисер и знам колку тешко младите да се пробијат. Знам и самиот колку е важно да се добие простор, некаде да се претстави делото и авторот. Вакви фестивали се ретки во светот, па сметам дека Македонија има простор за ваков настан, бидејќи досега немало, но е добро да го има“, смета Јовановиќ.

Јовановиќ вели дека целта е и да се донесат влијателни филмови и фестивалот да има едукативна улога.

„Мотивацијата беше тоа што Македонија е мала земја, со мала кинематографија, којашто тешко се пробива на светските пазари, па како екипа сметавме дека со ваков фестивал ќе придонесеме во промовирање на нашата кинематографија, со фестивал кој поддржува млади автори“, објасни тој.

Како што посочи Јовановиќ, годинава фестивалот го организираат самоиницијативно, како независен проект.

„Не стигнавме за аплицирање на роковите на државните институции, па решивме да го направиме сами. Инаку, имаме логистичка поддршка од Град Скопје, така што со лични влогови и контакти, и поддршка од колеги и партнери успеваме да ја привршуваме организацијата за настанот“, рече тој.

Фестивалот има главна програма која е натпреварувачка, составена од дебитантски и втори филмови. Јовановиќ информира дека годинава ќе се прикажуваат филмови на млади режисери од Аргентина, Германија, Иран, Америка, Грција, Србија и од Романија. Во текот на фестивалот, ќе се одржи и филмска работилница за развој на краткометражни сценарија.

КинеНова – нов филмски фестивал посветен за дебитанти од 5 до 9 октомври

„Другите програми се Балкан преглед, односно она што е најактуелно во балкански рамки, а во фокус е Србија, со три филмови. Понатаму ќе има преглед на светската кинематографија. Тука има доста атрактивни филмови коишто поминаа на бројни светски фестивали. Исто така, карактеристично за овој фестивал е што има специфична секција, посветена на еден филмски автор. Идејата е секоја година да се прикажува првиот и последен филм на еден автор. Годинава е избран романскиот режисер Корнелиу Порумбоју со неговиот прв филм „12:08 источно од Букурешт“ и најновиот филм од минатата година „Богатство“, информира Јовановиќ.

Тој објасни дека има уште една програмска секција, а тоа е официјалната селекција на кратки филмови, а награди ќе добијат режисерите на најдобриот долгометражен и краток филм.

Јовановиќ за Радио МОФ соопшти дека претседател на меѓународното жири е Разван Радулеску, познат романски сценарист, кој работеше на сценаријата за наградуваните филмови „Четири месеци, три недели, два дена“, култен романски филм од 2007 година, којшто победи на Кан и „Позата на детето“, кој освои Златна Мечка на Берлин во 2013 година.

„Најголемите очекувања ни се фокусирани на публиката, се надеваме дека и веруваме дека публиката во Скопје и општо ќе го препознае настанот и дека голем дел од овие млади автори и оние кои планираат да се занимаваат со филм дека ќе го посетат и ќе ги гледаат овие одлични филмови и сите придружни настани на фестивалот“, подвлече тој.

Покрај Јовановиќ, на чело на фестивалот се и филмската критичарка Марина Костова (програмски директор) и актерот, продуцент и сценарист Љупчо Тодоровски (уметнички директор). Основачи, пак се Сунчица Веселиновска , филмолог, Миланка Рашиќ, ТВ автор и продуцент, Ева Камчевска, сценарист и драматург и Катерина Момева, сценарист и драматург. Целата филмска програма е достапна на веб-страницата на фестивалот.

Е.П.