КинеНова – нов филмски фестивал посветен за дебитанти од 5 до 9 октомври

„Киненова Скопје“ е нов филмски фестивал што ќе се одржи од 5 до 9 октомври, со оригинална главна селекција за награди – фокусирана на дебитантски и втори филмови на автори од цел свет. Според организаторите, ова е прв фестивал во Македонија чијашто главна селекција за награди е посветена на дебитантите, а е еден од ретките такви фестивали во Европа и во светот.

На првото издание на Киненова, во Главната селекција за наградите најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, и најдобар филм според публиката ќе се натпреваруваат девет филма, што ќе ги оценува меѓународно жири. Дел од авторите што ќе бидат во конкуренцијата ќе дојдат во Скопје како гости на Киненова. Селекторка на Главната селекција е Марина Костова, филмска критичарка и член на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ.

Во паралелните програми Светска панорама и Балкански преглед ќе играат уште 10 филмови. Има и натпреварувачка селекција за кратки филмови со 40-тина дела. Киненова ќе има и специјален фокус на еден од најистакнатите нови романски автори, Корнелиу Порумбоју. По тој повод на фестивалот ќе бидат прикажани неговиот прв филм „12:08 источно од Букурешт“ и последниот „Богатство“.

Директор на фестивалот е Небојша Јовановиќ, режисер и продуцент, кој изрази задоволство што многу луѓе, уметници и докажани професионалци од филмскиот свет, но и останати, вели, ја препознале идејата за фестивалот и сесрдно се вложиле и помогнале оваа година.

Во рамките на Киненова Скопје ќе има и работилница за развој на сценарија за кратки филмови за македонските млади сценаристи, а ментор ќе биде американскиот скрипт доктор Џон Стивенс. Ќе има панел дискусии, трибини и мастеркласи. Кино – проекциите ќе се одвиваат во Кино Култура, Кинотека на Македонија и Кино Кисела Вода.

Билетите ќе чинат по 100 денари, со повеќе опции и попусти за блок набавка.