Иницијативата Сите за Палестина, во пресрет на почетокот на 80-то Генерално собрание на Обединетите нации, повикува на протест со кој, како што велат, ќе се покаже солидарност со палестинскиот народ и ќе се каже стоп за македонскиот молк пред геноцидот во Газа.
Еден ден пред протестот, денес 8 септември, со почеток од о 18 часот ќе се одржи солидарна палестинска кујна во Старата скопска чаршија, каде ќе се служи домашно готвена палестинска храна.
Потоа, самиот протест ќе се одржи на 9 септемви со почеток во 18 часот пред Министерството за надворешни работи, во пресрет на македонското учество во Генералното собрание на ОН. Во рамки на овие протестни настани ќе се потпишува и петиција со која се бара Владата и меѓународните претставници на Македонија да гласаат со поддршка на Палестина во текот на Собранието, како и на сите наредни гласања.
„Бараме Македонија да ја потврди својата поддршка за правото на самоопределување на палестинскиот народ. Да гласа во корист на Палестина на сите идни сесии, вклучително и по прашањата за полноправно членство во ОН и непречената достава на хуманитарна помош. Воедно, и да усвои официјална позиција со која ќе се осуди геноцидот во Газа“, посочуваат од иницијативата.
Воедно, Сите за Палестина бара да се воведе пакет санкции против Израел.
„Според Државниот завод за статистика, во периодот 2021–2023 година Македонија извела во Израел стоки во вредност од 23,5 милиони евра, додека увозот достигнал 43,1 милиони евра – со јасен трговски дефицит на сметка на македонската економија. Најголемиот дел од увозот е рафинирано гориво и хемиски производи, додека македонскиот извоз се сведува на прехранбени производи и лесна индустрија. Прекинот на оваа трговија нема да ја загрози домашната економија, туку ќе го намали непотребното трошење македонски пари за поддршка на воени злосторства. Да се прекине академската соработка со израелски институции, вклучително и меморандумот со Универзитетот ‘Бен Гурион’“, бараат од иницијативата.
Според Сите за Палестина, македонската влада не ги застапува интересите на народот, а воедно и вредностите со кои, како што велат, се кити на меѓународната сцена.
„Соработката со Израел и со САД во оваа смисла допринесуваат само за тесните интереси на неколкумина, додека народот во Македонија секогаш ја вреднувал солидарноста, хуманоста и мирот. Затоа, на 9 септември, излезете на улица и приклучете се кон протестот. Да го кренеме гласот против геноцидот, против молкот и против двојните стандарди. Не во наше име!“, стои во повикит на иницијативата.
Насловната слика е на Сите за Палестина