Стотици илјади луѓе протестираа низ светот во солидарност со Палестинците

Стотици илјади демонстранти вчера маршираа низ повеќе градови во Европа, Блискиот Исток и Азија во знак на поддршка со Палестинците откако израелската војска ја засили својата копнена и воздушна офанзива на Појасот Газа.

Во еден од најголемите маршови, кој се одржа во Лондон, воздушните снимки покажаа голем број луѓе кои демонстрираа низ центарот на британскиот главен град со барање Владата на премиерот Риши Сунак да побара примирје.

„Суперсилите во моментов не прават доволно. Токму затоа сме тука – бараме примирје, повикуваме на правата на Палестинците, нивното право на живот, човековите права и нашите права. Овде не се работи за Хамас, туку за заштита на животите на Палестинците“, вели Камил Рувелта, една од учесниците на протестот, пренесува Ројтерс.

Британската Влада досега нема побарано примирје, туку се залага за хуманитарни паузи на воените дејствија, со цел да се обезбеди помош на луѓето во Газа. Велика Британија го поддржа правото на Израел на самоодбрана по нападот од милитантната група Хамас врз Израел на 7 октомври во кој беа убиени 1.400 луѓе, од кои најголем дел цивили.

Во израелската воена акција која започна пред три недели досега се убиени 7.650 луѓе, мнозинството цивили, судејќи според дневните извештаи кои ги објавува Министерството за здравство на Палестина.

Низ Европа, големи протести се одржаа и по улиците на Копенхаген, Рим и Стокхолм. Некои француски градови ги забранија демонстрациите по почетокот на војната, плашејќи се дека тие може да предизвикаат социјални немири. Сепак, и покрај забраната која е на сила во Париз, во главниот француски град се одржа мал собир. Неколку стотици луѓе демонстрираа и во Марсеј.

Голем протест се одржа и во Њујорк, каде илјадници луѓе маршираа преку Мостот Бруклин. Масовни собири се одржаа и во Индија и Малезија, додека во главниот град на Нов Зеланд, Велингтон, илјадници луѓе со палестински знамиња и транспаренти на кои пишуваше „Ослободете ја Палестина“ маршираа до парламентот.