„Не сме експериментални глувчиња“, утре протест и против Законот за медицински студии

Под мотото „Ние не сме експериментални глувчиња“, утре напладне (22 април) пред Министерство за Здравство на протест ќе излезат студенти по медицина и младите лекари кои допрва ќе запишуваат специјализации.

Протестот е против Законот за медицински студии и континуирано стручно усовршување на докторите по медицина.

„ Целта на нашиот протест е измена или укинување на овој закон особено член 5 и член 6, коишто сметаме дека се несоодветни,нејасни и невозможни за остварување“, стои во повикот за протест.

Во повикот студентите се повикуваат да дојдат во бели мантили, со свирчиња и транспаренти.

Студентите по медицина и специјализантите протестираа во неколку наврати. Последниот протест беше пред два месеци кога се собраа  пред Министерството за здравство за да го изразат својот револт од игнорирањето на надлежните кон Петицијата потпишана од 350 доктори. Со неа тие бараа да не се снимаат и пренесуваат на интернет нивните испити, поголеми плати, здравствено и пензиско осигурување, регулирање и плаќање на дежурствата, забрана за дискриминацијата врз основа на болест и мајчинство и крај на јавната деградација на статусот доктор специјализант.