„Не се намали материјалот или бројот на испитите“ – „Средношколски глас“ против компромисот за матурата

Договорот помеѓу Сојузот на средношколци и надлежните институции за спроведувањето на државната матура е неприфатлив за иницијативата „Средношколски глас“.

Државниот матурски одбор денеска официјално се согласи државната матура да се сости од 4 испити (2 екстерни и 2 интерни) и проектна задача.

„Иако се претставија како гласот на сите средношколци, оваа одлука ја донесоа во затворен круг и без консултации со пошироката средношколска јавност. Договорот кој го постигнаа најверојатно по партиска наредба не е ништо освен дополнително потценување на средношколците. Се залагаа за кратење на испитите, но ништо не се исполни. Новиот концепт не го намали материјалот или бројот на испитите“, гласи нивната реакција.

Тие најавија дека нивни претставници ќе побараат прием од надлежните институции. Упатија и  барање да се намали бројот на испитите на 2 eкстерни и проектна задача. Покрај ова, предлагаат да се организираат дополнителни часови за дообучување поради како што велат, „неквалитетната онлајн настава“.

„Бараме во најкраток рок да не примат надлежните да разговараме за концепт кој ќе биде прифатлив за сите средношколци. Ние средношколците нема да се откажеме од оваа битка, отпорот ќе почне со посериозен отпор доколку нашите барања не се исполнат“, стои во реакцијата на „Средношколски глас“.

Тие претходно организираа протест пред Министерството за образование и наука и бојкот во неколку училишта, барајќи и оваа година да не се полага државната матура, но да се задржи проектната активност.