МОН: Државниот матурски одбор го прифати предлогот државната матура да се состои од два екстерни и два интерни испити

Државниот матурски одбор на денешниот онлајн состанок го прифати предлогот државната матура да се сости од 4 испити (2 екстерни и 2 интерни) и проектна задача. Во наредните денови одборот ќе треба да подготви нова предлог концепција, соопштија од Министерството за образование и наука.

На состанокот било истакнато дека со ваквата концепција на полагање не се нарушува квалитетот на матурата, се задржува стандардот, и е во интерес на сите матуранти.

„Исто така, напоменуваме дека овој модел на полагање на државна матура бил веќе применуван во нашата држава од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година. Во извештаите на ОЕЦД државната матура како дел од образовниот систем е позитивно оценета и планираме и понатаму да ја подобруваме и унапредуваме“, се наведува во соопштението на МОН.

На решението да с еполагаат два екстерни и два интерни испити на матура претходно се согласи Сојузот на средношколци. Тие неколку недели организираа бојкот на наставата со барање матурантите оваа година да се полагаат само два испити, место четири, како досега.

„Овој компромис предвидува полагање на два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно. Овој чекор повлекува промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, па екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6) и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени“, појаснија вчера од Сојузот.

Ова решение за државната матура беше предложено на нивната последна средба со премиерот Зоран Заев, пратеничката Зајкова и советникот на премиерот Тасев. Од Сојузот сметаат дека ваквиот начин на распределба на поените е поправеден и порамномерен за сите матуранти.