„Не да(ви)мо Београд“ им врачи откази на надлежните во општината за рушење на објектите во Савамала

Пред општинската зграда на Белград, иницијативата „Не да(ви)мо Београд“ организираше уште еден протестен собир, по пет протести и маршеви, поради рушењето на објектите во населбата Савамала, ноќта помеѓу 24 и 25 април, барајќи оставки од градоначалникот Синиша Мали и претседателот на градското собрание Никола Никодијевиќ.

Протестот се одржа во пресрет на закажаната седница во десет часот, а траеше два часа. Стотина демонтранти извикуваа „Оставки“, „Излези Мали“, „Викнете полиција“, додека на полицијата која го обезбедуваше влезот на општината им довикуваа „Крадци, крадци седат во управата“, „Кого штитите“.

„Ние ги повикавме граѓаните да го изразат незадоволството, а силни полициски лица ги чуваат пратениците на граѓаните, од граѓаните на Белград и мислиме дека тоа на најдобар начин отсликува една бизарна ситуација во која моментално се наоѓаме“, рече во име на иницијативата Добрица Веселиновиќ, кој додаде дека денес симболично им врачиле откази на Мали и Никодијевиќ.

На протестот во неколку наврати дојде до турканици помеѓу полицијата и собраните граѓани, а до првиот судир дојде кога Мали и Никодијевиќ пристигнаа до градското собрание. Градоначалникот Мали за тој настан во изјава за новинарите рече дека демонстрантите се обиделе да го натепаат и да го линчуваат, додека Веселиновиќ, пак, рече дека тоа не се случило, дека само се обиделе да му ги достават отказите и дека неговото обезбедување ги оттргнало граѓаните.

„Граѓаните мирно стоеја, но тогаш излезе полицијата и почна да ги отргнува луѓето. Се обидоа да повлечат дел од нас внатре, за сета среќа тоа не се случи“, рече Веселиновиќ.

Мали за новинарите изјави дека дел од демонстрантите се повикани на состанок, но Веселиновиќ го негираше тоа.

„Нашиот став е дека нема што да влегуваме и да разговараме, нашите барања се многу јасни, а тоа се оставка и кривична одговорност“, истакна Веселиновиќ.

Тој изјави дека одлучиле да ги „сменат тактиките“, ако Мали и Никодијевиќ не ги поднесат своите оставки во наредните денови, најавувајќи дека притисокот од страна на иницијативата ќе продолжи и ќе се зголеми.

 Иницијативата настана како реакција на одлуката на градските власти да го реализираат проектот „Белград на вода“.