[Став] Како настана иницијативата „Не да(ви)мо Београд“

Во пресрет на денешниот протест во Белград, како реакција на одлуката на градските власти да го реализираат проектот „Белград на вода“, го објавуваме текстот, чиј автор е В. Јеремиќ, а е објавен во специјалното издание на српскиот весник „Данас“, насловено како „Досие Савамала“:

Пред масовните протести, фантомските рушења, специјалци и мистериозни дефекти на трамваите, беше јавната седница на Комисијата за планови на белградското Собрание. Беше вторник, жежок 22 јули 2014 година, нешто пред 13 часот. Пред просторијата на градската управа на Белград, на улицата „27. Март“ се собраа неколку стотина граѓани, чекајќи да започне седницата на која ќе бидат разгледани предлозите за нацрт-измените и дополнувањата на Генералниот план на Белград 2021. Се раѓаше движењето „Не го дава(и)ме Белград“.

Јавните расправи на Комисијата за планови се одржуваа во подрумот на зградата на градската управа. Просторијата во која се одржуваат седниците многу потсетуваат на судница. Во предниот дел се наоѓа издигната катедра на која седат членови на Собранието. Остатокот од собата го исполнуваат правилно распоредени пластични столчиња. Просторијата е многу широка, но во овој конкретен случај, не доволно широка.

На нацрт-измените и дополнувањата на Генералниот план на Белград 2021 беа приложени над 1200 приговори и речиси сите поднесувачи беа дојдени лично да ги образложат своите забелешки. Тука имаше и познати јавни лица, и оние кои штотуку ќе станат познати.

Генералниот план на Белград 2021 беше првиот документ кој стоеше на патот на проектот „Белград на вода“. „Урбаниот устав“ беше составен од голем број на одредби, кои им пречеа на странските инвеститори и нивните, како што се зборуваше тогаш, стотина милиони евра (како што времето минуваше, и висината на потенцијалната инвестиција опаѓаше).

Нацрт-измените и дополнувањата на Генералниот план се замислени како метла која треба да ги исчисти сите оние параграфи кои стојат на патот за развој на земјата. Па така, тој документ го избриша делот кој инсистираше на спроведување на меѓународен конкурс за територијата на Савскиот амфитеатар. Исто така, некаде се изгуби и дел од планот кој Караѓорѓевата улица и околината ги гледаше како потенцијално добра локација за објекти за јавна намена од национално значење. Меѓудругото, измените овозможија и нова поделба на земјиштето и изградба на нова сообраќајница.

Имаше за секого по нешто. Немања Ненадиќ од „Транспарентност Србија“ најмногу енергија насочи кон приговарање на членот кој го укинува задолжителното распишување на конкурсот за идејни решенија во Савскиот амфитеатар. Одговорот на Комисијата за планови беше во форма на антички софизам: „Доколку Владата на Србија утврди некоја од однапред најавените локации како локација од значење за Република на Србија, за таква локација не е задолжително објавување на конкурс“, додавајќи дека распишувањето на конкурсот не е исклучено ако се „утврди потребата за таков начин на јавна стручна верификација“.

На најголемиот број на приговори одговорот беше ист: Приговорот се отфрла како неоснован. Тоа се однесуваше на забелешките кои доведоа до прашања за теми како висина на мостот, реставрација, начинот на регулирање на одредени парцели. Ист одговор ја дочека и забелешката на правна основа, на органите кои ја изменија и иницираа. Имено, нацрт-измените и дополнувањата на Генералниот план дојдоа од Привременото Собрание на Белград. Откако на чело на градот е избран актуелниот градоначалник Синиша Мали, Привременото Собрание престана да постои, а со него и одговорноста за одлуките кои ги донесуваше.

Меѓу бројните граѓани, не и пред нив, беше претседателот на Нова партија Зоран Живковиќ (како и на идните акции, политичарите сами доаѓаа, никој не ги викаше).

„Секако, плановите мора да се менуваат, но за тоа постои процедура која подразбира јавна и стручна расправа, со економско, просторно, урбанистичко согледување, а дури потоа се доаѓа до макета. Овде се почна со макетата, која инаку не одговара со реалната состојба на терен. Познавачите велат дека тоа е „copy paste“ варијанта од еден проект кој е правен за пустински услови, па сега е префрлен на река. Се менува силуетата на Белград, се загрозува пловноста на Сава и прашање е дали Белград ќе биде зафатен од поплава ако Сава го промени текот. Тоа се основни приговори“, рече Живковиќ.

Седницата на тој начин траеше повеќе од шест часа. Кој како ја губеше енергијата и нервите, ја напушташе просторијата. На крајот, и оној мал број на граѓани кои го дочекаа официјалниот крај на „јавната“ седница ја напуштија салата на Градската управа со чувство дека официјалните институции ги изџвакале и плукнале.

Најверојатно е дека на тој 22 јули 2014 година, на попладневното сонце пред зградата на градската управа, на улица „27. Март“, во нечија глава се роди идејата за формирање на иницијативата „Не да(ви)мо Београд“. Потоа ќе следуваат упади во општинската зграда, протести пред паркираните трамваи, одземање на пропагандниот материјал и апсење, а од скоро и сите масовни протести. Во што се се претвори ова движење не можеме да кажеме во овој момент. Но, не треба да има дилеми дека движењето настана како последица на арогантниот и понижувачкиот однос на избраните официјални лица кои заборавија дека треба да работат во интерес на граѓаните.