Националната агенција годинава располага со 1,77 милиони евра за образовни програми

Националната агенција годинава имала на располагање 1,77 милиони евра за образовни програмиСредствата за имплементација на двете европски образовни програми „Доживотно учење“ и „Млади во акција“  со кои што располага Националната агенцијата за европски образовни програми и мобилност, во 2013 се зголемени за 18 отсто во однос на лани и таа на располагање има 1,77 милиони евра, соопшти  министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

За програмата „Доживотно учење“ со четирите секторски програми, „Комениус“ за основно и средно образование, „Леонардо да Винчи“ за стручно образование и обука, „Еразмус“ за високо образование и „Грундтвиг“ за образование на возрасни наменети се 1, 27 милиони евра,  додека за програмата „Млади во акција“ 504 илјади евра.

Министерот истакна дека во однос на искористеноста, до овој момент донесени се 111 решенија за грант на крајни корисници во вкупен износ од 1,5 милиони евра од кој најголем дел, односно 89 се во рамки на програмата „Доживотно учење“ со 1,2 милони евра и 22 грантови во програмата „Леонардо да Винчи“. За програмата „Млади во акција“ донесени се 22 решенија со што искористени се 317.000 евра.

Споредбено со лани кога биле искористени 87 проценти од расположивите средства, оваа година за седум месеци искористени се 85 отсто.

Според министерот, по завршувањето на процесот на акредитација на Агенцијата во текот на следната година, ќе се обезбеди поголема достапност на средствата од фондовите на Европската унија и ќе се обезбедат повеќе можности за корисниците.

Во врска со неодамнешните обвинувања во јавноста дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за програмата „Млади во акција“, доделувала грантови на невладини организации чии овластени лица се во роднински врски со вработените во самата агенција, министерот Ристовски на новинарско прашање одговори дека единствен релевантен оценувач за квалитетот за распределбата на европските пари е Европската унија.

„Со оглед на зголемената и интензивна ревизија која тие ја реализираат во изминатите години за да се поврати довербата и нивните констатации во кои немаа забелешки во тој дел, за нас тоа е единствениот релевантен оценувач за тоа како се распределени средствата. Сите евентуални забелешки ќе ги разгледаме, ќе провериме, меѓутоа се додека нашата комуникација и оценките во ЕК се во позитивна насока, сметам дека не треба да постои грижа во тој дел“, додаде Ристовски.

Корисници на европските образовни програми може да бидат ученици, студенти, наставници, професори, обучувачи и друг персонал кој е вклучен во било кој дел од образовниот процес, претпријатија и други правни лица, вклучувајќи ги и трговските друштва, стопанските комори и други здруженија на правни лица од областа на индустријата. Средствата можат да ги користат и истражувачки центри како и здруженија на граѓани и фондации, кои ги исполнуваат условите за учество и искористување на средствата за реализација на одреден проект, а се наведени во тековно објавуваните повици на Агенцијата.

К.О.