Националната агенција за европски образовни програми повторно сомнително делела пари

Националната агенција за европски образовни програми повторно доделувала проекти на нефер и на сомнителен начин на истата привилегирана група на „фантомски“ невладини организации, открива истражувањето на Македонскиот центар за европско образование и Фондацијата Oтворено општество Македонија.

Според наодите во извештајот, европските пари (околу 1.3 милиони евра) наменети за образовни и младински проекти, Агенцијата ги поделила на само 11 организации, за кои нема достапни информации кои покажуваат како ги потрошиле средствата. Ова, според МЦЕТ, е сличен случај како во 2010, кога изби голем скандал откако се откри дека тогашниот директор на Агенцијата Бошко Нелкоски, преку мрежа на блиски соработници и членови на семејството, парите ги распределувал на истите организации. Поради сомнителната распределба на парите, Европската комисија тогаш ги замрзна средствата за Македонија, а директорот Нелкоски поднесе оставка, но не понесе никаква одговорност за злоупотребите.

Според директорката на МЦЕТ Лидија Димова, тоа што ваквото однесување на Агенцијата се повторува, може да значи дека Брисел повторно ќе ги запре парите за вакви проекти.

Izjava na Lidija Dimova by Radio Mof on Mixcloud

По скандалот од крајот на 2009, Агенцијата беше предмет на ревизија од страна на приватната ревизорска куќа „Ефект плус“, кој не покажа посериозни злоупотреби. Водејќи се од оваа ревизија, Европската комисија ги одмрзна средствата за Македонија во изминатите две години, но според извештајот на МЦЕТ, сомнителната распределба продолжила. Фактот дека наодите на оваа ревизорска куќа – која на јавноста и беше позната и по позитивните извештаи на МРТВ – не се совпаѓаа со наодите на Државниот завод за ревизија (кој утврди сериозни прекршувања на законот), како ни со наодите на Државната комисија за спречување на корупцијата (која утврди конфликт на интереси и злоупотреба на службената должност) не ги загрижил властите, а уште помалку Јавниот обвинител, се вели во извештајот. Димова сега најавува иницијатива за формирање мрежа од организации кои ќе бараат целосно расчистување на случајот со сомнителната распределба на парите од Агенцијата.

Izjava na Lidija DImova – 2 by Radio Mof on Mixcloud

Според наводите од истражувањето на МЦЕТ, во Брисел аплицирале едни исти луѓе со различни проекти. Се забележуваат исти основачи кои доставуваат различни проекти од една иста адреса или обратно (пример, Македонскиот младински прес иако од Струга, во повеќе проекти се пријавува адреса во Скопје). Лицата одговорни за проектите се поврзани со вработените во Националната агенција, но успешно го прикриваат тоа (Верица Коцевска, сопругата на Бошко Нелкоски, е контакт-лице за еден проект и таа – случајно или не – решава да го користи моминското презиме иако кога се омажила го земала презимето на сопругот).

Коалицијата од организации кои бараат расчистување на сомнителната распределба на парите од Агенцијата за европски програми и мобилност ќе настапи пред институциите со следниве препораки:

– Да се направи темелна ревизија на работата на Националната агенција од страна на вистински независна ревизорска куќа. Истовремено, треба да се преиспита инволвираноста на сите вработени во сомнителните активности и истите соодветно да се санкционираат,
– Да се испита (не)инволвираноста на ревизорската куќа „Ефект плус“ во целата воспоставена шема.
– Да се ефектуира иницијативата на Државната комсија за спречување на корупцијата за кривично гонење на поранешниот директор на Националната агенција, Бошко Нелкоски и на сите оние кои се со него поврзани по кој било основ,
– Да се измени Законот за формирање на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и да се предвиди поинаков состав на Управниот одбор. Пожелно е да се зголеми бројот на членови на УО на 9 и тој да се состои од следниве претставници од: 1) Министерството за образование и наука, 2) Министерството за финансии, 3) Националната агенција, 4) Директор на некое основно училиште, 5) Директор од некое средно училиште, 6) Директор на некое средно стручно училиште, 7) некој универзитет, 8) тренинг институција и 9) младинска/студентска организација (претставник на Националниот совет на Република Македонија кој е во формирање). На ваков начин, во УО ќе бидат претставени сите засегнати страни,
– Да се направи ревизија на сите склучени договори со невладините организации од првите два повика на 2012 година, односно да се спроведе членот 96 од Регулативата на Советот (ЕЗ, Евроатом) бр. 1605/2002 од 25 јуни 2002 година за финансисите прописи применливи на општиот Буџет на Европските заедници.
– Да се спроведе вистинска кампања за промоција на програмите Доживотно учење и Младите во акција, со која ќе се гарантира дека информациите за можностите и поволностите што ги нудат овие програми ќе стигнат до сите активни младински организации во Република Македонија.

Извештајот  може да се преземе на следниот линк.

Жарко Настоски