НаТочак: Новата велосипедска лента на „Гологанов“ веднаш е пренаменета во бесплатен паркинг

Иницијатива НаТочак реагира дека новата велосипедска лента на реконструираниот булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ веднаш е пренаменета во бесплатен простор за возила.

Се работи за делот на „Гологанов“ од раскрсницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до кружниот тек со раскрсница на улица „Мито Хаџивасилев Јасмин“, кој беше реконструиран од Град Скопје, а меѓу другото, се изведе и велосипедска патека и лента.

Од НаТочак потсетуваат дека при најавата на проектот, градоначалничката Данела Арсовска изјави дека „со овој проект се решава голем проблем за жителите кои редовно транзитираат на овој дел од центарот и дополнително се зголемува безбедноста и сигурноста на учениците во сообраќајот“.

„Секако за поздрав е секоја нова воведена велосипедска сообраќајна површина, но само во случај истата да е функционална и безбедна“, забележуваат вело-активистите.

Имајќи ги предвид досегашните искуства со постоечките вело-ленти во градов (бул. Св. Климент Охридски, Центар, ул. Московска, Тафталиџе, ул. Борис Сарафов, Ѓорче Петров и други), кои поради големиот простор помеѓу две заштитни столбчиња, овозможуваат косо паркирање возила на велосипедската лента, според НаТочак е евидентно дека надлежните не водат сметка за лошите и нефункционални пракси од минатото и истите ги повторуваат.

„Оваа пракса воспоставена веднаш по пуштањето во употреба на новата вело-лента, ако во старт не се искорени, функционалноста, безбедноста и сигурноста кои ги заговара градоначалничката во изјавата, ќе бидат уништени во самиот зародиш Апелираме пред да се штиклира оваа вело-делница од Градот, како завршена, надлежните да ја обезбедат нејзината функционалност и да овозможат непречено движење на велосипедистите. Толерирањето на паркирање возила на вело лента, го прави Градот соучесник во стимулирањето НЕбезбедност и НЕсигурност во велосипедскиот сообраќај. Бараме решение на проблемот, Веднаш!“, се вели во реакцијата на НаТочак.

Фото: Џото / Twitter