НаТочак: Казнување пешаци и велосипедисти со слушалки е неосновано и демотивира

Иницијативата НаТочак достави коментари за предложените измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои, меѓудругото, предвидуваат казни за пешаци при преминување преку коловоз и велосипедски површини, односно на пешачки премини. За овој дел од измените оттаму реагираат дека казните за пешаци и велосипедисти со слушалки се неосновани и би можеле да ги демотивираат луѓето да пешачат или возат велосипед, додека вистинските опасности од сообраќајот остануваат неадресирани.

„Дел од медиумите не споделија внимателно за предложените измени на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата, граѓаните почнаа погрешно да толкуваат и чувствуваме обврска да подвлечеме некои работи“, велат од НаТочак.

Како што појаснуваат оттаму, предлог-измените не предвидуваат казни за користење на слушалки при пешачење на тротоар, во пешачки зони, низ паркови, односно места каде нема прекрстување со друг сообраќај.

„Ќе можеме да продолжиме безгрижно да користиме 2 слушалки, разни уреди или телефон додека пешачиме на места предвидени за тоа. Оваа слобода, комоција и предност на пешачењето не смее да се одземе! Дел од луѓето го одбираат пешачењето наспроти колата или велосипедот токму поради оваа можност (да си послушаат поткаст, да се чујат со некој итн.). Извинете, но ништо не сте направиле за безбедноста ако ги демотивирате луѓето да пешачат“, истакнуваат од иницијативата.

Предлог измените предвидуваат казни за пешаци само при преминување преку коловоз или велосипедски површини, односно на пешачки премини, и тоа за користење различни електронски уреди и 2 слушалки, не за 1 слушалка, зашто се смета дека пешакот сепак слуша со другото уво. Медиумите не го пренесоа јасно овој момент, потенцираат од НаТочак.

„Да го свртиме малку вниманието кон двојните стандарди: Што е страшното? Што електронските уреди се забранети за пешаци и велосипедисти (и тротинетисти, и трактористи), а не и за возачи на моторни возила!!! За нив е забрането само да не употребуваат раце при користењето на уредите, а комотно можат да имаат слушалки во двете уши. Има некои меки формулации во важечкиот закон (кој не се менува во делот за возачи на автомобили) дека не смеат да користат електронски уреди ‘на начин на кој го загрозуваат управувањето со возилото’, инаку смеат. Значи тие можеби ја загрозуваат безбедноста, можеби не“, посочуваат од иницијативата.

Кај возачот на велосипед, пак, додаваат, изричито стои дека со употреба на уредите „би му се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото“, а кај пешакот дека со употребата на уредите „би му се намалило вниманието додека го преминува коловозот и велосипедската патека или лента“.

„Врз база на кои истражувања оние кои возат кола имаат помала потреба од слушање на останатиот сообраќај, уредите не им го одземаат вниманието и имаат потреба само за гледање, а возачите на велосипеди и пешаците со сигурност си го намалуваат вниманието кога не го слушаат останатиот сообраќај?! Дали ова значи дека глувите лица не смеат да учествуваат во сообраќај како пешаци и возачи на велосипеди?“, прашуваат од НаТочак.

Тие сметаат дека овие членови треба да се преиспитаат целосно бидејќи, како што велат, не ја одразуваат тежината на учеството во сообраќајот и реалните статистики.

„Овие членови ќе послужат само како лесен улов на напишани казни за полицајците, а нема да имаат реално никаков ефект врз безбедноста. Знаете и какви се казните при употреба на електронските уреди? 40 евра за возачи на моторни возила (и тоа со најлабаво дефиниран член, може, но и не мора да се казни возачот), 50 евра за возачи на велосипеди (со сигурност треба да бидат казнети), 40 евра за пешаци (со сигурност треба да бидат казнети)“, потенцираат оттаму.

Исто така, од иницијативата сметаат и дека овие казни не соодветствуваат на одговорноста во сообраќајот и на статистиката.

„Пешаците се најранливи учесници во сообраќајот и истовремено, статистички гледано најмалку виновни за сообраќајните судири и не може нивната одговорност да се третира на исто ниво со одговорноста на тие кои управуваат возило… За пешачење не треба возачка дозвола и не треба лекарско, пешак може да биде дете, постаро лице, лице кое губи внимание во моментот. Ниедна причина не е доволна причина да биде изгазено. Ранливите учесници треба да бидат заштитени од сообраќајниот систем, од оние кои ги дизајнираат улиците и од оние зад воланот кои положиле за возачка и имаат лекарско“, појаснуваат од НаТочак.

Дополнително, додаваат и дека пешаците со своите раце не држат волан. Нивната зафатена рака при зборување на телефон за разлика од случаите кога некој управува автомобил, велат, не може да предизвика губење контрола над воланот и правење штета врз другите (евентуално може врз себе) и поради тоа казната доколку воопшто ја има, не смее да биде иста со таа за возачите на автомобили.

Оттука, тие предложиле казната да се намали на 20 евра.

„Велосипедистите, пак, испаѓа дека се најодговорните учесници во сообраќајот со највисока казна! Сериозно? Според кои статистики? Велосипедисти кои носеле слушалки и зборувале на телефон предизвикале повеќе смртни случаи од возачи на автомобили кои го правеле истото за казната да биде повисока? Ве молиме темелете ги политиките на реални опасности и реални податоци, а не лични ставови на предлагачите и анегдотални примери. Вистинската опасност во нашите градови според сите статистики е брзото возење автомобили. Тоа убива. Сто пати потврдено. Насочете се на вистинските проблеми, не на обвинување на жртвите (victim blaming)“, апелираат од иницијативата до надлежните.