НаТочак: Јавните претпријатија се одговорни да ги ослободат пречките од патеките

Како што пишавме вчера, со почетокот на школската година се зголеми бројот на луѓето кои се движат низ скопскиот сообраќај. На патеките се разминуваат повеќе луѓе, па одговорноста на јавните претпријатија е да го ослободат просторот од пречките на патот, со што би овозможиле безбедно движење, реагираат од НаТочак.

Како што треба да се отстранат сите пречки на коловозот, велат тие, така и мора да се исечат гранките што пречат на луѓето кои се движат пеш или на точак.

„Затоа ги потсетуваме ЈП ‘Паркови и зеленило’ и Град Скопје две главни работи: Прво, гранките од дрвјата и грмушките пречат на луѓето. Потребно е да се скастрат сите гранки покрај велосипедските и пешачките патеки. Се надеваме дека постои некој правилник колку смее да биде најниската гранка, но со години гледаме гранки кои се под 2 м. Затоа се надеваме дека ЈП Паркови и Зеленило ќе ги сече гранките што се под 2,20 м. бидејќи се што е пониско од таа висина пречи на пешаците и велосипедистите. Второ, веднаш по косењето на тревата потребно е да се чисти искосеното што е паднато на патеките. Во искосената трева што е фрлена на велосипедските патеки има трње кое ги дупнува гумите на велосипедите. Ова важи за патеките покрај булеварите и на кејот на Вардар“, се вели во реакцијата на НаТочак.

Од таму се надеваат дека ќе бидат исечени гранките што не биле скастрени летово и по обилните дождови, но и оние кои, како што велат, со години се игнорираат покрај сите булевари и улици.

Фото: Колаж од фотографии од НаТочак