Настава со физичко присуство ќе се следи во 169 основни и 4 средни училишта

Во 169 основни и четири средни училишта наставата во претстојната учебна година ќе се одвива со физичко присуство. Ваквата одлука доаѓа откако попладнево Владата на седница го усвои извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, за периодот од 2 септември до 14 септември.

Во однос на основните училишта, шест државни училишта за деца со посебни образовни потреби, едно приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно училиште, 15 централни општински основни училишта и 147 подрачни основни училишта ќе добијат дозвола за настава со физичко присуство, додека услови за настава со физичко присуство не исполнувале 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни и 2 приватни училишта.

„Според извештајот, за организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања, од кои Комисијата предлага согласност да добијат 4 училишта од кои: 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава да добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија)“, стои во соопштението на Владата.

Дополнително, како што информираат од Владата, на предлог на Комисијата за заразни болести, денеска усвоен е и Протоколот за работа на едукативните центри, музички училишта и центри/училишта за странски јазици во услови на епидемија со Ковид-19.

Градинките, училиштата и факултетите беа затворени со одлука на Владата која беше донесена на 10 март годинава, поради коронавирусот.