„Антивикенд програмата“ на независниот издавач и организатор „Мртов коњ“ дојде до финишот. За крај, вечерва (12 септември) во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје во „Салон 19:19“ од 20 часот ќе се одржи концерт на домашниот состав „Алембик“ и италијанското-американско „Паспарту дуо“ (Passepartout duo).
„Паспарту дуо“ е состав од Верона формиран во 2015 од пијанистката Николета Фавари и перкусионистот Кристофер Салвито.
„Нивната музика е комбинација од електроакустични звуци и амбиентални текстури исплетени во полиритмика, истражувајќи нови начини на синтеза на звук преку електромагнетизам, преку спроводливи текстилни влакна, и преку креаирање композиции за лесно пренослив инструментариум од дрво и метал како обид за градење на самоодржлива музичка кариера преку развој на сопствен DIY (направи сам) екосистем и вмрежување со уметници од целиот свет“, соопштува организаторот.
Од формирањето до денес бендот е на непрекината турнеја, посетувајќи ги едни од најзначајните уметнички резиденции низ целиот свет меѓу кои The Watermill Center (US), Swatch Art Peace Hotel (CN), Embassy of Foreign Artists (CH).
„Нивниот интердисциплинарен пристап има доведено до многу соработки, меѓу кои и албумот ‘Radio Yugawara’, снимен минатата година во соработка со легендарниот јапонски амбиентален состав ‘Inoyama Land’“, посочува организаторот.
Во 2021 година го дизајнираат првиот електромагнетен синтисајзер Chromaplane. Нивниот „from scratch“ пристап досега има резултирано со издавање неколку ЕП-ја и четири албуми. Ова ќе биде нивен прв настап во Македонија.
„Алембик“ се Виктор Танасковски (гитара) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин). Нивниот прв, истоимен албум е издаден во 2022 и е посветен на конфликтот, но и возможната симбиоза на природата и технологијата. Претставува музика која се обидува преку самиот процес на нејзиното создавање да го отелотвори овој концепт.
„До сега имаат реализирано голем број настапи на домашни фестивали, како и во повеќе европски земји (Чешка, Естонија, Франција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Италија). Редовно учествуваат во уметничко-истражувачки проекти. Моментално работат на вториот албум“, стои во најавата за настанот.
Влез за концертите е 300 денари.