NASA го одложи тестирањето на ракетата Artemis 2 поради истекување на водород

Американската вселенска агенција NASA беше принудена во вторникот да прекине клучно тестирање на горивото на својата џиновска ракета од програмата Artemis 2, поради што мисијата за испраќање астронаути кон Месечината е одложена за најмалку еден месец.

Тестирањето, познато како „мокра проба“, започна во саботата, на 31 јануари, и траеше до вторник наутро. Станува збор за симулирано одбројување до лансирање, при што ракетата SLS се полни со повеќе од 700.000 галони течен водород и течен кислород. Иако операциите започнаа без проблеми, истекување на водород во задниот дел на ракетата, на самата лансирна платформа, доведе до повеќечасовни технички проверки.

Сличен проблем беше забележан и за време на подготовките за Artemis 1 пред три години, кога истекувањата на водород доведоа до повеќемесечни поправки пред мисијата конечно да биде лансирана во ноември 2022 година. За разлика од тогаш, од NASA велат дека актуелните проблеми најверојатно можат да се решат директно на лансирната платформа, без потреба од реконструкција.

Со мисијата Artemis 2, NASA планира првпат по повеќе од 50 години да испрати екипаж околу Месечината. Четворица астронаути ќе поминат 10 дена во леталото Orion, кружeјќи околу далечната страна на Месечината, со цел тестирање на системите за идното слетување на Artemis 3.

NASA соопшти дека иако тестот бил генерално успешен, истекувањето на водород не било целосно елиминирано, што не ги исполнува строгите стандарди за лансирање со екипаж. Следниот можен период за лансирање сега се очекува во март.

Извор: Space.com
Фото: NASA