Основниот кривичен суд Скопје го огласи Сулејман Љамалари за виновен и му изрече двегодишна затворска казна поради, како што велат, извршено грубо насилство на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, кое се случи на 11 јули поради откривање дивоградби во Чаир.
Во казната се пресметува и времето поминато во притвор, во кој ќе остане сѐ до правосилност на пресудата. Љамалари се гонеше за извршено Насилство од член 386 став 3 вв со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Скопје два дена по настанот отвори постапка против две лица осомничени за кривично дело „Насилство“, во врска со нападот врз градоначалничката. Како што соопшти Обвинителството тогаш, првоосомничениот ѝ се заканувал и ја нападнал Арсовска додека таа заедно со службите од Град Скопје извршувала вонреден надзор на бесправна градба на улицата „Севастополска“ во Чаир. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, по што почнал со навреди и закани, а потоа и со физички напад врз Арсовска.
Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осуди физичкиот и вербалниот напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и побара одговорност за полициските службеници кои не постапиле соодветно на местото на настанот, како и осуда на нападот од сите политички и општествени чинители.
Градоначалничката по посетата на полициската станица објави видео на Фејсбук каде истакна дека полицијата се обидела да го прикрие овој настан со цел да го заштити напаѓачот и дека на локацијата со неа, покрај лица од Инспекторат на Град Скопје и колеги, биле присутни и двајца униформирани претставници на МВР.
„Некаде после првиот час, нагло се промени расположението во станицата и почнаа да се обидуваат да го прикријат овој настан, со цел да го заштитат лицето, кое всушност физички се пресметуваше, односно физички ме нападна. Трагедијата во целиот слушај е тоа што ме прашуваа ‘што сум барала таму, зошто одам и шетам на терен’. Ако ви е целта да ме спречите да излегувам на терен, еве уште еднаш ќе ви кажам: нема да ме спречите“, се обрати таа во видеото.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тогаш изрази желење и осуда за инцидентот во кој беше вклучена градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и демантираше дека МВР не постапило по денешниот инцидент.
„За денешниот инцидент факт број еден – полиција кога е повикана да дојде на местото на настанот дошла. Факт број два – Арсовска по настанување на инцидентот била повикана да дојде во полициска станица, но не дошла. Во болница биле констатирани телесни повреди, црвенила од страна на стручно лице, на левата потколеница. Откако завршил прегледот во болница, таа се упатила повторно во полициска станица, по што полициски службеници отпочнале со полициски дејствија, и во меѓувреме контактирале јавен обвинител. Лицето кое што го навела како такво е приведено, е во полициска станица и плус други две лица кои вербално се заканувале“, рече Тошковски.
Инаку, само неколку дена пред нападот врз градоначалничката, таа пријави дека на терен е нападната советничката на град Скопје Ирена Витина поради тоа што фатиле инспектор од МВР како прави див приклучок на вода.
„На последниот случај на фатен како прави див приклучок (на вода), сторител беше извесен инспектор од МВР наречен Бујо, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката во град Скопје Ирена Витина пред очите на неговите колеги од МВР кои не реагираа на нападот, иако истиот беше пред 10 сведоци и целиот настан е снимен од почеток до крај“, реагираше Арсовска тогаш, објавувајќи и видео.