Нападната екипата на Ал Џазира Балканс на протестот во центарот на Скопје

Новинската екипа на Ал Џазира Балканс била нападната за време на протестот против поскапувањето на струјата во организација на ВМРО-ДПМНЕ, кој попладнево се одржуваше во центарот на Скопје.

Новинарката на Ал Џазира Балканс, Милка Смилевска, на Фејсбук напиша дека лицето кое ги нападнало прво прашал од која телевизија се, по што го турнал микрофонот додека тие снимале изјава од учесник на протестот.

Таа објави и две видеа на кои се гледа лицето кое ги нападнало, како и моментот кога од рака и е турнат микрофонот додека е на работна задача.

Смилевска додава и дека лицето го пријавила до полицијата, по што било приведено и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) го осудија нападот врз телевизиската екипа и бараат од МВР да го санкционира напаѓачот за кој има и јавно достапна снимка од настанот.

„Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволив во демократски земји. Доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните“, стои во соопштението на ЗНМ и ССНМ.