Сликарството и филмот се во фокус на изложбата „Наместо вовед“ на уметникот Митко Панов, која ќе се отвори денес, 5 октомври во Националната галерија на Македонија – Мала Станица.
Со почеток во 20 часот, посетителите ќе имаат можност да го проследат концептот кој е приказ на творештвото каде авторот е визуелен раскажувач.
„Митко Панов ево истражувањето на нови изразни форми, прави синтеза помеѓу класичните сликарски дисциплини, филмот и современите текови на идејата и концепт во уметноста. Експериментирањето со идејно-концептуалните премиси овозможува оригинален ликовен продукт со продлабочени естетски резултати“, посочуваат организаторите.
Дополнително, тие велат дека визуелното восприемање на светот кој го опкружува Панов е преплетен со неговата имагинација во создавање на ликовен свет во кој се обликуваат визуелните претстави.
„Во неговиот ликовен универзум, реалноста е пренесена преку сопственото искуство, сфаќање и чувствување за светот, сопственото битисување во него, создавајќи личен императив за еден друг реалитет каде не ги менува фактите на реалноста, туку го менува начинот на размислување во однос на стварноста“, се вели за изложбата.