Намалување на одобрени стипендии, не е започната реконтрукција и студенти незадоволни од студентските домови, покажува новиот извештај на ДЗР

Мерките за развој на студентскиот стандард кои ги преземаат надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување финансиска смостојност на домовите, соодветно сместување и исхрана како и реализирање на проектите за реконструкција на државните студентски домови.

Ова го покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија на тема „Ефикасност на мерките, политиките и поректите за исполнување на условите во кои функционираат државните студентски домови (ДСД) во Република Северна Македонија и развој на студентскиот стандард“.

Ревизорите утврдиле дека Министерството за образование и наука (МОН) нема направено верификација за сите студентски домови која треба да ја направи пред започнување со работа на домовите и нема воспоставен Регистар на студентски домови, што како што потенцираат, неповолно влијае врз спроведувањето на постапките за сместување на студентите.

„Не е изработен ниту стратешки документ за студентскиот стандард со мерки и активности за развојот и подобрувањето на условите за живот и студирање во земјата“, пишува во извештајот.

Ревизорите ги нотираат и состојбите со сместуваење и исхрана на студентите во ДСД кои се однесуваат на:

  • Значително намалување на сместувачките капацитети во сите домови во периодот 2019-2022 година, односно од 5.812 легла на 4.490 во 2022 година
  • Исплатата на средствата на државните студентски домови не се врши врз основа на ажурирани списоци за сместените студенти кои се одобрени од страна на МОН
  • Објектите кои ги користат ДСД во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живење
  • Невоедначените услови кои ги нудат студентските домови и интересот на студентите за сместување во одредени ДСД
  • Незадоволство на студентите во поглед на исхраната, сместувањето и функционирањето на студентските домови

Утврдената цена за сместување во студентските домови изнесува 6.820 денари и не е променета од 2008 година. Со 50% во неа партиципира МОН за период од 10 месеци годишно, а остатокот го плаќаат студентите.

„Истата не обезбедува задоволително ниво на финансиска одржливост на домовите што упатува на потреба од реално определување на економската цена за сместување и исхрана по студентите во ДСД“, се наведува во извештајот.

Учество на средствата на од Програмата за студентски стандард наменети за функционирање на студентските домови

Државниот завод за ревизија со независен експерт спроведе анкета со студенти во која тие го оценуваат сместувањето во студентските домови на скала од 1 до 5. На анкетата одговориле 286 студенти, што е 8, 25% од вкупниот број.

Во делот за инвестициите за студентските домови ревизорите упатуваат дека МОН го започна Проектот за енергетска ефикасност со кој се планира темелна реконструкција на сите државните студентски домови. За проектот е обезбеден кредит и грант од 24.785.067 евра.

„Меѓутоа постои незивесност во врска со доволноста на обезбедените средства за целосно реализирање на овој проект согласно планираното, а активностите за реконструкција на домовите се’ уште не се започнати“, се посочува во извештајот.

Дополнително ревизорите потсетуваат дека е завршена доизградбата на ДСД во Тетово, со капацитет за 300 студенти, но се’ уште не е изготвен записник за технички прием и не е целосно завршена постапката за пуштање на овој објект во употреба на начин на кој е пропишан во законските прописи од оваа област.

Вкупните средства кои се реализирани согласно Програмата за финансирање, реализација и развој на дејноста студентски стандард за 2022 година се околу 22,6 милиони евра (1.397.455 илјади денари)

Графикон: ДЗС

За студентските стипендии ревизорите проценуваат дека се соодветни, но не се усогласени со интересот за студриање по студиски програми. Однонсно, за дел од дефицитарните струки како земјоделската, шумарската и ветеринарната стипендиите се три пати повисоки од редовниот износ кој е 6.050 денари, за кој, како што велат од ДЗР постои можност за подобрување преку реструктурирање на останатите расхови од Програмата.

Во извештајот ревизорите посочуваат на компарација на висината на стипендиите во земјава со земјите од регионот.

„Ревизорите утврдија и евдиентно намалување на бројот на одобрени стипендии во периодот 2019 – 2022, но и зголемување на број на апликации како и бројот на одбиени студенти, кој за 2022/23 година достигнал до 2.942 што укажува на голем интерес на студентите, но и на слабости во постапката за доделување на стипендиите особено во делот на обезбедување на потребната документација“, стои во извештајот.

Во делот за стипендирање на ревизорите посочуваат дека за студирање на еден од првите 100 Универзитети во светот во 2022 година за 111 студенти, исплатени се средства во износ од 188. 361 илјади денари (околу 3 милиони евра) што е 44,4% од вкупните средства за стипендии.

„Притоа максималниот изност кој МОН го исплаќа за еден студент изнесува 40.000 долари за престој месечно, од околу 45.000 илјади денари месечно за престој за 10 месеци. Голем дел од стипендираните студенти не ги почитуваат договорните услови и не се враќаат во земјата по заршувањето на студиите поради што средствата не се ефикасно искористени“, пишува во ревизорскиот извештај.

Целиот извештај е достапен на овој линк.

Ангела Бошкоска