НАкС упати претставка до Просветен инспекторат, очекува прекин на изборот за ректор и сенатори на УКИМ 

Независниот академски синдикат (НАкС) денеска поднесе претставка до Државниот просветен инспекторат откако, велат тие, се случи уште едно прекршување на статутот на УКИМ и уредбата на Владата за примена на Законот за високо образование во услови на вонредна состојба.

Елена Џукеска, в.д. претседателка на НАкС, на денешната прес-конференција потенцираше дека на 22 мај е испратен допис до одговорните лица на факултетите за отпочнување на постапка за избор на нови сенатори, бидејќи мандатот на постојниот Сенат истекува на 27 јуни.

„Дописот се повикува на член 155 од Статутот на УКИМ, но токму самиот член предвидува изборот за сенатори да почне 60 дена пред истекот на мандатот на Сенатот. А, од 22 мај до 27 јуни сигурно нема 60 дена, рокот е многу пократок. Особено што се предвидува постапката да заврши до 8 јуни“, рече таа.

Ова е во спротивност и со уредбата на Владата, вели Џукеска, бидејќи таа предвидува да се продолжи мандатот на сите органи и тела чија постапка не стартувала пред вонредната состојба.

„Сметаме дека ова не е само непознавање на законската регулатива, туку е обид за манипулација на ректорот (Никола Јанкуловски н.з.), особено што ова сега ќе се тера паралално и набрзина заедно со постапката за избор на ректор, која, покрај нашите јавни повици, до овие моменти не е прекината“, нагласи в.д претседателката на НАкС.

Џукеска потенцира дека рокот од 60 денови не е случајно предвиден во Статутот и не е сеедно кој ќе биде член на Сенатот.

„Тој е стручен, но и управувачки орган кој ја споделува одговорноста за сите одлуки заедно со ректорот. И, вработените на УКИМ имаат право да размислат за кого ќе гласаат и кого сакаат да назначат. Патем, на некоја од единиците се уште нема стигнато дека е во тек постапката за избор на сенатори“, потенцира таа.

Оттука, НАкС смета дека Просветниот инспекторат треба да реагира и да изврши надзор. Воедно, го повикаа ректорот Јанкуловски да ја прекине постапката за избор на сенатори за ректор. „Навистина вон памет во вакви услови да се тераат двете работи паралелно, набрзина и да се доведуваат вработените во заблуда“, забележа таа.

Исто така, од НАкС се надеваат дека нема да остане само на укажувања.

„Доста укажувавме, треба да се постапи!“, констатираа од НАкС.

Инаку, во однос на изборот на Сенатот и ректор на УКИМ, Антикорупциска комисија претходната недела најави дека и таа ќе побара од Инспекторатот да изврши надзор за примената на Законот за високо образование и универзитетскиот Статут. Исто така, како и од аспект на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси дали овие активности тој ги води во ситуација што може да се оквалификува како состојба на судир на интереси.

НАкС веќе реагираше дека Јанкуловски брза за избори за ректор во услови на вонредна состојба. Имаше јавни реакции и меѓу Јанкуловски и тројца проректори. Јанкуловски, од една страна, тврдеше дека започнатата постапка за ректор на УКИМ за мандат од 2020-2023 е во целосна согласнот со актуелниот Закон. Од друга страна, тројцата проректори во заедничко соопштение тврдеа дека Јанкуловски со невидена леснотија го интерпретира и Законот и укажувањата на академската заедница.

Јанкуловски на „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ рече дека со огромно мнозинство ректорската управа го распишала огласот за избор на ректори и тоа во времетраење од 5 работни дена.

„За некој кој што има сериозна визија за универзитетот и е професионалец мислам дека не е пречка да се пријави“, изјави Јанкуловски.

Бојан Шашевски