Антикорупциска бара инспекциски надзор за постапката за избор на ректор на УКИМ

Антикорупциската комисија најавува дека ќе побара од Државниот просветен инспекторат (ДПИ) да изврши вонреден инспекциски надзор за примената на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во однос на постапката за избор на ректор на УКИМ,  за избор на претседател на Сенатот и да преземе мерки согласно своите надлежности.

Антикорупциската комисија, како што стои во соопштението, постапи по пријава во врска со функционирањето на Сенатот на УКИМ и најавата за отпочнување на постапка за избор на ректор на универзитетот и спроведе проверка на постапувањата на ректорот Никола Јанкуловски во однос на усогласеноста со Законот за високо образование и со Статутот на УКИМ.

Исто така, како и од аспект на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси дали овие активности тој ги води во ситуација што може да се оквалификува како состојба на судир на интереси.

Според пријавата до Антикорупциска, велат од таму, има три околности кои може да доведат до заклучок дека постои судир на интереси, ректорот постапувајќи од позиција на претседавач на Сенатот на УКИМ, презема активности за формирање Универзитетска изборна комисија за избор на ректор, со што доколку се јави како кандидат за нов мандат за ректор директно се доведува во состојба на фактички судир на интереси.

Иако Статутот на УКИМ е донесен во јуни 2019 година, дополнуваат од Антикорупциска, досега не е спроведена постапка за избор на претседател на Сенатот, ниту, пак, е дадено право на највозрасниот член на Сенатот да ги врши работите на претседател на Сенат, што е предвидено со  член 159 од Статутот. Постапувањата за започнување и за спроведување избор на ректор во вонредна состојба се спротивни на Уредбата на Владата од 24 март 2020, каде што се вели дека за времетраењето на вонредната состојба мандатот на членовите на органите и телата се продолжува до завршувањето на вонредната состојба.

„Ова дотолку повеќе што со Статутот на УКИМ, донесен на 28 јуни 2019 година, попрецизно се уредени постапките за избор на органите и телата на Универзитетот. Со член 159 од Статутот на УКИМ претседателот на Сенатот се избира од редот на сенаторите, а до неговиот избор, работите од надлежност на претседател на Сенат ги врши највозрасниот присутен член на Сенатот. Актуелниот ректор покрај функцијата ректор, врши улога на претседавач на Сенат, користејќи ги преодните и завршните одредби од новиот закон, во смисла дека ректорите, проректорите … ја вршат својата функција до истекот на нивниот мандат, иако и со Законот за високо образование и Статутот е јасно дека тоа е нова функција“, се наведува во соопштението на Антикорупциската комсија.

Инаку, постапката за избор на нов ректор на УКИМ почна во март со онлајн-седница на Ректорската управа, а продолжи вчера со предлог-одлука на дневниот ред за начинот на спроведување на тајното гласање за формирање на Универзитетска изборна комисија.

Во изминативе неколку денови, Независниот академски синдикат (НАкС) реагираше и потенцираше дека Јанкуловски брза за избори за ректор во услови на вонредна состојба, па побара итно да се сопре постапката во ваква ситуација. Од НАкС велат дека ако одлуката се усвои, не е јасно како ќе се спроведе тајното гласање зашто според нивните сознанија, немаат лиценциран софтвер кој ќе гарантира точност и тајност на гласањето.

Имаше јавни реакции и меѓу Јанкуловски и тројца проректори. Јанкуловски, од една страна, тврди дека започнатата постапка за ректор на УКИМ за мандат од 2020-2023 е во целосна согласнот со актуелниот Закон за високо образование. Од друга страна, тројцата проректори во заедничкото соопштение тврдат дека Јанкуловски со невидена леснотија го интерпретира и Законот и укажувањата на академската заедница.

Постапката за избор на ректор на УКИМ поттикна реакции и несогласувања меѓу Јанкуловски и тројца проректори