„Најсреќниот човек на светот“ денес има светска премиера на Венецискиот филмски фестивал

Во киносалата „Darsena“ на Венецискиот филмски фестивал денеска во 14:15 часот премиерно ќе биде прикажан филмот „Најсреќниот човек на светот“ од македонската режисерка Теона С. Митевска.

Од Агенцијата за филм информираат дека сите карти за премиерата се продадени.

„Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдот. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од искуства. Природниот ритам е тесно поврзан со техниките на распит додека се трага по вистината после насилство“, стои во описот за филмот од Агенцијата.

Во главните улоги играат Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, во споредна улога Лабина Митевска, потоа Ана Костовска и Николина Кујача, како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од Босна и Херцеговина.

Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.

Имено, ова е прво учество на Македонија во една од официјалните натпреварувачки програми на еден од трите најголеми фестивали во светот, после речиси триесет години.

Фестивалот се одржува од 31 август до 10 септември, а македонскиот филм ќе се натпреварува во категориите за најдобра режија, најдобар филм, улоги и други важни признанија.