„Најспориот студент на светот“ заврши факултет по 54 години студирање

Не е необично студентите да си земат одредено време од студирањето за да се посветат на нешто друго пред конечното дипломирање. Но, во случајот на Артур Рос, ова време траело пет децении.

71-годишникот во четврток ќе ја добие дипломата на церемонија во Универзитетот на Британска Колумбија (УБЦ), 54 години откако се запишал на Факултетот за уметност.

„Прави да изгледам како најспориот студент во светот, и очигледно дека тоа е нешто што сум“, изјавил Рис за Си-Би-Ес.

Рос пристигнал на кампусот на УБЦ во 1969 година, откако завршил средно образование во училиштето „Принц од Велс“. Според него, тоа било логичен чекор бидејќи имал членови од семејството кои завршиле на УБЦ.

Вели дека започнал да студира општа уметност, но набрзо развил интерес за театар, земајќи улога во продукциите на Театарот „Фредерик Вуд“. Тој ги напуштил студиите за да учествува во Школата за национален театар на Канада во Монтреал. Тој сфатил дека го привлекува глумата, но не и животот на актер. Потоа решил да студира право во Торонто и поминал 35 години како парничар во Британска Колумбија.

Откако се пензионирал во 2016 година, Рос се вратил на недовршената работа со студирањето на УБЦ.

„Тоа отсекогаш, дури и кога работев како правник, беше нешто на што размислував дека ќе се вратам откако ќе завршам се` друго“, објаснува Рос.

Се вратил на предавања во јануари 2017, со фокус на студирање историја и финиширање на последната година од студиите. Тој бил решен да ја добие дипломата, но истовремено бил одлучен да не брза во процесот.

„Тогаш планот се одвиваше како што го замислував. Немав намера да седнам и да слушам пет предавања одеднаш“, вели тој.

Како што поминувало времето, Рос се запознавал со неговите помлади колеги и бил импресиониран од оние кои продолжиле посветено да студираат во текот на пандемијата со КОВИД-19.

Иако Рос ќе биде „најспориот“ дипломец на УБЦ, тој нема да биде најстариот. Тоа признание му припаѓа на 78-годишниот Ји Сионг Панг, кој ќе ја добие дипломата по лингвистика, која е негова втора на УБЦ и вкупно петта негова универзитетска диплома.

54 години студирање на Рос треба да го надминат Гинисовиот светски рекорд на најдолго студирање. Досега во оваа категорија рекордер беше Роберт Ф.П. Кронин, кој започнал да студира биологија на Универзитетот Принстон во 1948 година и дипломирал во 2000-та.