Најголемата слика на светот продадена за 45 милиони фунти во добротворни цели

Најголемата слика во светот, создадена од британскиот уметник Саша Џафри, е продадена за 45 милиони фунти кои ќе одат за финансирање хуманитарни организации кои работат со деца.

На Џафри му биле потребни осум месеци за да ја направи сликата голема 1.600 квадратни метри во напуштена хотелска сала во Дубаи. Најпрво планирал да ја продаде на 70 различни делови, но францускиот бизнисмен со криптовалути, Андре Абдун, го купил целото дело.

Цената на делото истовремено претставува и едно од најскапите уметнички предмети продадени на аукција од жив уметник.

Џафри објасни дека целата сума ќе биде наменета за УНИЦЕФ, УНЕСКО, Глобалната фондација „Гифт“ и „Дубаи Керс“ со цел да се помогне на децата од социјално ранливи категории во земји како Бразил, Индонезија, Индија и Јужна Африка.

„Навистина сум презадоволен од тоа што се случи. Да собереш толку многу пари, од една слика во една вечер“, рекол 44-годишниот Џафри за Би-Би-Си.

Тој своето дело го започна преку барање до деца од целиот свет да му пратат слики со кои би опишале како се чувствуваат за време на пандемијата. Добил одговори од 140 држави низ светот кои потоа ги искористил како инспирација.

„Бев во длабока состојба на медитација. Гледав низ сите дела од децата и сликав од потсвеста, она што излегуваше од мене. Ништо не беше планирано, немаше нацрти, немаше цртежи. Буквално истурав боја и ставав еден слој над друг слој и го повторував тоа додека не се случи нешто магично“, додава Џафри.

Во септември Гинисовата книга на рекорди го призна неговото дело за најголема уметничка слика насликана на платно.

Сликата е насловена „Патешествие на хуманоста“ а според Џефри парите од продажбата ќе бидат наменети за здравствени и санитарни потреби во најсиромашните заедници од светот, како и за нивно поврзување на интернет за децата да имаат пристап до образовни платформи.