Наградени најдобрите дипломци од УКИМ

Вчера во аулата на Ректоратот на УКИМ беа доделени наградите на најдобро дипломираните студенти за учебната 2021/2022 година, кои покажаа високи достигнувања и резултати при студирањето.

Исто така, на редовните студенти од завршниот семестар во прв циклус студии кои покажуваат особени резултати во студиите, со просечен успех остварен во текот на студирањето од најмалку 8,00 од Архитектонскиот, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Филозофскиот, Економскиот, Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Факултетот за музичка уметност за учебната 2021/2022 година им беше врачена наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија.

За студирањето на најдобриот универзитет и за тоа што претставува добивањето на наградата за студентите, од името на сите добитници се обрати добитникот на наградата за најдобро дипломиран студент од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Андреј Стојановски.

Наградите на  најдобрите студенти им ги врачи ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а на чинот на свеченото доделување на наградите, покрај наградените студенти и членовите на нивните потесни семејства, присуствуваа и проректорите на Универзитетот, генералниот секретар, претседателот на Универзитетскиот сенат и деканите на факултетите.