Над 48 илјади денари изнесувала минималната синдикална кошничка во август, велат од ССМ

Вредноста на синдикалната минимална кошница во август прилагодена на инфлацијата изнесувала 48.234 денари, што е минималната сума која едно четиричлено семејство кое живее во дом од 50 квадратни метри и не поседува автомобил треба да ги одвои за основните продукти за живот, соопштија од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Во пресметката не е ставен трошокот за еден ученик за набавка на потребните материјали за почетокот на учебната година кои според пресметките на ССМ изнесуваат околу дополнителни 6.000 денари.

„Сојузот на синдикатите на Македонија изминатиот период аргументирано укажува дека животот на македонскиот работник и граѓанин станува прескап и дека се повеќе работници работат, а се сиромашни и не можат да си ги овозможат ниту основните прехранбени продукти за прехранување на нивното семејство“, велат од ССМ.

Според пресметката, за храна и пијалаци, во која се вклучени 63 производи, кои не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, туку ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната, биле потребни 18.324 денари или за 324 денари повеќе од минималната плата.

За домување на граѓаните им биле потребни 12.493 денари, додека за хигиена – 2.808 денари.

За превозот се вклучени минимални изразени трошоци, односно два месечни билети за превоз, работнички и ученички или студентски и се потребни 3.600 денари. А 2.197 денари биле потребни за облеката и обувките вклучуваат набавка на по едно парче облека и обувки за секој член на семејството по сезони.

Во пресметката за култура се вклучени трошоците на три производи, и тоа еднаш месечно одење во кино и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник и биле потребни 1.067 денари.

Одржувањето и здравјето вклучува основни трошоци за лекарства (парацетамол, аналгин, кафетин и сл.), без лекарствата за хроничните болести и биле потребни 786 денари.

„Не се вклучени трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не затоа што не се потребни, туку затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци, па доколку се пресметуваат и овие трошоци вредноста на истата би била многу повисока“, додаваат од ССМ.

Од Сојузот на синдикатите напоменуваат дека со оваа пресметка синдикалната минимална кошница изнесува 41.295 денари, а кога истата ќе се зголеми за 16.8% инфлација изнесува 48.234 денари.