Над 40.000 луѓе во ризик од поплави по уништувањето на браната Каковка во Украина

Околу 42.000 луѓе се наоѓаат во ризик од поплавување на двете страни од реката Дњепар по уништувањето на браната Нова Каковка во Украина, потврдија властите.

Според украинските информации, се очекува водата да достигне највисоко ниво во текот на денот.

Овие предвидувања доаѓаат откако директорот за помош на Обединетите нации, Мартин Грифитс, пред Советот за безбедност изјави дека деструкцијата на браната „ќе има големи и далекусежни последици за илјадници луѓе во јужна Украина преку загуба на домови, заработувачка, храна и чиста вода за пиење“.

„Самата магнитуда на катастрофата ќе биде позната во следните денови“, додаде тој.

Во Херсон, кој се наоѓа на околу 60 километри низводно од браната, нивото на водата се подигнало за 3,5 метри вчера, а во текот на денот се подигало за 6 до 8 сантиметри секој половина час, според хидрологистите кои вршат мерења.

Еден ден по уништувањето на браната, украинскиот гувернер на Херсонскиот регион, Олекасндр Прокудин, ја обвини Русија за бомбардирање на областа. Според информациите спасувачките служби на десната страна на реката, која е под контрола на Украина, морале да работат под воени напади.

„Најголем проблем во моментов не е водата, туку Русите од другата страна на реката кои бомбардираат со артилерија“, изјавил Ендру Негрич, кој ги координира спасувачките операции за американската хуманитарна организација „Global Empowerment Mission“.

Најмалку седум луѓе се водат за исчезнати по експлозијата на браната, пренесе руската државна новинска агенција Тасс. Засега не се потврдени смртни случаи од поплавите, но портпаролот на американскиот Национален совет за безбедност изјави дека „поплавите веројатно однеле многу жртви“.

Сателитските снимки од вчерашниот ден на Максар Технолоџи покажуваат куќи и други објекти кои се речиси целосно поплавени, а кај многу од нив видливи се само крововите. Според Максар слики од повеќе од 2.500 квадратни километри површина помеѓу Нова Каковка и Заливот Дњипровска, кој се наоѓа југозападно од Херсон, покажуваат поплавени градови и села.

Се верува дека под закана од поплавување се наоѓаат 80 населени места, а последниве 24 часа активни се автобуси, возови и автомобили кои ги евакуираат граѓаните на безбедно.

Вчера Украина и Русија се обвинија меѓусебно за рушењето на браната. Украинските власти велат дека Русија сторила намерно воено злосторство со уништувањето на браната Каковка, која снабдува со енергија хидроелектрична централа. Руските власти, пак, ја обвинуваат Украина тврдејќи дека се обидуваат да го одвлечат вниманието од почетокот на големата контра-офанзива за која Кремљ смета дека губи на сила.

Американските власти велат дека не можат со сигурност да тврдат кој е одговорен, но американскиот амбасадор во ОН, Роберт Вуд, пред новинарите изјави дека нема логика Украина да ја уништила браната и да направи штета на сопствениот народ.