Националната галерија во Австралија ќе ги врати украдените скулптури од Камбоџа

Националната галерија на Австралија ќе ѝ врати на Камбоџа три украдени бронзени скулптури, со потекло од IX, односно X век, јавува „БиБиСи“.

Ваквата одлука следи по децениска истрага во двете земји за тоа кое е потеклото на експонатите.

Властите во Камбоџа го пофалија „историскиот потег“ како „важен чекор кон исправање на неправдите од минатото“.

Вратените скулптури потекнуваат од Царството Чампа, кое се протегало на денешните територии на Виетнам и Камбоџа.

Од Националната галерија на Австралија посочиле дека ги откупиле скулптурите во 2011 година за 1.5 милиони долари од криумчарот на британски артефакти Даглас Лачфорд, кој починал во 2020 година.

Лачфорд бил осомничен за нелегална трговија со антиквитети уште од 2016 година, а во 2019 било покренато обвинение поради трговија со украдени артефакти од Камбоџа.

Според „ЕјБиСи“, статуите биле откопани во поле во Тбунг Кмум на истокот на Камбоџа во 1994 година, пред да бидат прошверцувани до меѓународните дилери на уметнички дела преку границата во Тајланд и да завршат во колекцијата на Лачфорд.

Скулптурите ќе останат изложени во австралиската галерија во Камбера уште три години, додека Камбоџа ќе го подготвува изложбениот простор за нив во Пном Пен.

Од Камбоџа ќе продолжат да разговараат со властите од бројни држави со цел да се вратат илјадници артефакти кои биле украдени од храмовите, а за дел од нив се знае дека се наоѓаат во Британскиот музеј.