На родителите, децата и асистентите им треба поддршка и откако ќе помине Денот на атипичните лица

Се трудиме да обезбедиме поддршка. Не само на учениците, туку и на нивните семејства. Да не заборавиме, она што е најважно во моментот – да дадеме поддршка и да ги охрабриме семејствата да се носат со сето тоа што ги очекува на дневно и на ниво на иднина. Периодот (на пандемијата н.з.) што го имавме, се надевам дека брзо ќе заврши, период што остави голем импакт врз целокупното функционирање на учениците и нивните семејства. Сметам дека на овој Ден треба да се даде голем акцент. Да потенцирам главно за попреченостите што не се видливи, или лесно воочливи, дека се тука меѓу нас и треба да се помогне и да се вложиме, рече денес директорката на посебното училиште „Златен Сремац“, Марија Дeлетиќ.

По повод Денот на лицата со атипичен развој, 3 декември, Милетиќ зборуваше за специјалните училишта. Согласно Законот за основно образование, тие тековно до 2023 година треба да прераснат во ресурсни центри и да го поддржуваат инклузивното образовние во сите редовни училишта. Оттука, пред две недели МОН донесе Правилник и Упатство на кој начин, и со која динамика треба да се одвива соработката меѓу регуларните и посебните училишта.

Генерацијата која ќе биде затекната ќе функционира до 2031. Посебните училишта што сега функционираат, нема да бидат веднаш затворени, бидејќи, вели Милетиќ, има таква забуна во јавноста.

Милетиќ и министерката Мила Царовска на денешниот настан во „Златен Сремац“

Според Милетиќ, се уште владее погрешен став во општеството околу лицата со атипичен развој. Потребен е инклузивен напор за лицата со аутизам и со невро-развојни проблеми, кои, потенцира таа, во голем дел ја сочинуваат популацијата во посебните училишта.

„Посебен предизвик за нас да бидеме поддршка на заедницата. Се надевам како посебни училишта, и идни ресурсни центри ќе бидеме на висина на задачата“, нагласи Милетиќ.

„Кај нас секој ден е 3 декември“  

Оваа учебна година во „Златен Сремац“ се запишани 103 ученици. Во Кисела Вода е централниот објект, а училиштето има уште 10 дисперзирани паралелки во редовни училишта, па така интегрирано функционираат 30 години.

„Најчесто се соочуваме со предизвици кои ги има секое училиште. Тоа е недостатокот на финансии. Ние сме државно училиште, се финансираме од Буџет и немаме сопствени средства. Сега сме веќе во преговори и со секторот за капитални инвестиции во поглед на реконструкција. Училишната зграда е навистина стара, но во моментот е функционална, онолку колку што може“, забележува Милетиќ.

Посебното училишта „Златен Сремац“

Кај нив, вели таа, секој ден е 3 декември. Се соочуваат со предизвици, но имаат комплетен стручен тим, социјален работник, психолог што излегува на терен, онлајн средби со родители, веб-страна со информации и Јутјуб канал со 200 адаптирани содржини, со цел успешна инклузија.

„Да, ние си ја знаеме нашата работа како специјални едукатори (дефектолози н.з.). Но, на колегите во редовните училишта нависина им е потребна поддршка! Ние сме тука, досега сме го правиле, а понатаму уште повеќе ќе го правиме. Се надевам дека нашето училиште ќе биде база, и ќе биде ресурсен центар кој ќе биде поддршка за многу училишта, а и понатаму, бидејќи ќе бидеме регионален центар“, нагласи таа.

Мијалков: Родителите на атипичните деца минуваат низ пекол

Зоран Мијалков, претседател на Здружението „Сплотени срца“, осврнувајќи се на 3 декември, за Радио МОФ вели дека родители на децата со атипичен развој живеат во пекол, депресии, проблеми со здравје. Уште во поголем пекол тие родители што во себе го чуваат проблемот, што не излегуват во јавност за состојбата на своето дете.

„Секој втор брак на родители со деца со посебни потреби завршува со развод. Обично на едниот ќе му ‘пукне филмот’ и ќе си отиде. А, така уште пострашно ќе стане, бидејќи родителот што ќе остане со детето ќе стане социјален случај, бидејќи не може да оди на работа. Кој ќе му го чува детето?! Единствено среќа имаат тие со баби и дедовци. И да има каде го остави, Центрите работат четири часа. Кој (работодавец н.з.) ќе ти даде да работиш четири часа и да ти дава плата?“, прашува Мијалков, кој е татко на две деца со аутизам.

Во однос на образовниот процес, тој веќе нагласи дека „иклузијата е илузија во Македонија“. Единствено ако се погодат стручни лица, да помагаат, па да има резултати.  Со поголемиот син, немале среќа во образованието. Одел до второ одделение, но не бил прифатен од наставничката. Немале асистент, па тој и сопругата биле асистенти.

„Наставничката си дозволи да организира родители да потпишуваат дека не сакаат нивните деца да учат со дете со атипичен развој. На крајот Петар, полуфункционален, сфати дека таму не го сакаат. Така што, образованието му се прекина на Петар. Сега оди само во Дневен центар за аутизам. Тоа е ништо. Само е центар кадешто ќе си поседат некое време и ќе си дојдат дома. Значи, во центар кој стручно треба да работи со нив, за жал – нема работа. Што пак останува за редовните училишта?!“, прашува Мијалков.

За него, важно е што ќе се случи наредната година на локалните избори, за кои вели дека треба родителите да ја земат работата во свои раце. Работат на случајот за Штип, а смета дека треба и останатите градови да го следат примерот.

„Сакаме родителите да излеземе со независни листи во градот (Штип) и да успееме некој од родителите да влезат како советници, да одлучуваат. Инаку, ништо не правиме. Пример, ако Штип имаме наши родители-советници, сигурно нема да дозволат да се дадат 100.000 евра за Цеца за Пастрамајлијадата, а за нашите деца – нула! Не верувам дека они (политичарите н.з.) ќе ни го решат проблемот. Сега во Штип има предвремени избори за градоначалник, но ниту еден од кандидатите не ги споменува нашите деца. И, што да очекуваме?“, забележува Мијалков.

Најавени новитети за личните и образовни асистенти

По повод 3 декември, Владата денес најави дека од идната 2021 година услугата за лична асистенција ќе биде достапна и за децата со потешка и најтешка физичка попреченост, или со целосно оштетување на видот. Министерството за труд и социјала ги изготви измените на Законот за социјалната заштита, кои низ соодветната владина процедура, треба да бидат доставени до Собранието на усвојување и ќе овозможат лични асистенти да користат деца на возраст од шест години и повеќе.

„На барање на семејствата на децата со попреченост, ја намалуваме возраста кога личната асистенција станува законско право – од сегашните осумнаесет на шест години”, рече денес премиерот Зоран Заев, истакнувајќи дека средствата за личните асистенти ќе се обезбедат од Буџетот и ова ќе придонесе за стекнување со образование на децата со атипичен развој, како и нивна социјализација и развој на еднаква основа со врсниците.

Тој тврди дека Владата успеала да создаде амбиент во кој сите сограѓани се еднакви каде на преден план се предностите, а не попреченоста.

„Активностите за асистенција на ранливите категории и на лицата со попреченост се реализираа во 27 општини со вклучување на околу 200 невработени лица како испорачувачи на услугите за над 1.500 лица крајни корисници”, посочи премиерот Заев.

Во однос пак на образовните асистенти, министерката за образование Мила Царовска, кажа дека за нив е донесен посебен норматив. Односно, обезбедени се 54 милиони денари за наредната учебна година, се’ со цел да има образовни асистенти коишто се системски решени во училиштата и се директно платени од државниот Буџетот.

Проблемот досега беше што образовните асистенти беа недоволно платени, со задоцнети плати, а истовремено извршуваа обврски и за лични асистенти, наставници и педагози, без доволен број материјал за образовниот процес.

„Образовните асистенти, не се исто што и личните асистенти. Досега беа покривани преку општинско корисна работа, преку општините, се’ со цел да се понуди некаква поддршка. Системското решение сега го градиме и стартува 2021/2022. Токму тој правилник што се издаде, утврдува дека образовен асистент е асистент – во настава. Асистентот е еден, но го покрива одделението од едно до три деца. Зошто? Затоа што, ако вие имате еден на еден, тоа е лична, а не образовна асистенција, која треба да создаде атмосфера на учење од оние кои се со типичен кон оние со нетипичен, и обратно, а тоа може да го менаџира образовен асистент во едно одделение. Тоа е пропишано, тие ќе бидат ангажирани преку училиштата“, одговори Царовска денес на прашањето на Радио МОФ за тоа како ќе бидат решени образовните асистенти.

Хелсиншки: Се уште сведочиме на дискриминација на лицата со попреченост во сите сфери

По повод 3 декември, Хелсишки комитет за човекови права вели дека годишниот фокус е градењето на градењето на подобар свет за лицата со атипичен развој, свет кој ќе биде инклузивен, пристапен и одржлив за време и по завршувањето на пандемијата на коронавирусот.

Нагласуваат дека атипичните лица генерално се наоѓаат во поголем ризик од здравствени проблеми од останатата популација и додека попреченоста сама по себе не предизвикува поголем ризик од вирусот. Многу лица со попреченост имаат специфична здравствена состојба, која ја прави болеста многу поопасна за нив.

„Непристапноста на информациите поврзани со вирусот, затворање на дневните центри за поддршка, неприлагодено учење на далечина, како и невозможноста за социјално дистанцирање за лицата зависни од поддршка при извршување на секојдневни функции, се само дел од проблемите кои го зголемија предизвикот на секојдневниот живот на лицата со попреченост насекаде во светот. И ден денес ние се уште сведочиме на дискриминација на лицата со попреченост во сите сфери на секојдневниот живот. И покрај донесените закони, и покрај заложбите за креирање на инклузивно општество за сите, сè уште значителен дел од лицата со попреченост, но и нивните родители и други лица кои се грижат за нив, се соочуваат со неразбирање од страна на своите соседи, непристапна инфраструктура, дискриминација во образовниот систем  и на пазарот на труд и многу затворени врати на институциите“, се вели меѓу другото во соопштението на Хелсиншки.

Организацијата нагласува дека потреби се мерки во согласност со атипичните лица, тие да бидат вклучени во креирањето на политики, мерки и закони. Исто така, потребно е и да продолжат заложбите за спроведување на процесот на деинституционализација, чија имплементација забави како резултат на пандемијата.

Бојан Шашевски