На илегално стерилизираните жени во Чешка ќе им биде понуден надомест

Стотици жени, најчесто Ромки биле стерилизирани под закани, поткупи и измами сè до 2021 година, пренесува „Гардијан“.

На жените кои во Чешка беа стерилизирани без нивна согласност ќе им биде понуден  надомест од страна на Чешка Република, откако претседателот Милош Земан потпиша предлог закон оваа недела.

Ним ќе им бидат исплатени 300.000 чешки круни од страна на власта.

„Ова значи дека секоја неправда нанесена кон оние жени кои биле стерилизирани без нивна согласност е признаена и може да се поправи“, изјавила Гвендолин Алберт, активистка за човекови права која подолго време зборува за оваа неправда барајќи промени.

Социјалните работници се служеле со закани и трикови за да ги натераат жените да подлегнат на процедурата за стерилизација од 1966 до 2012 година. Никој не знае колку жени се погодени, но активистите веруваат дека станува збор за неколку стотици жени.

Ваквиот програм завршил со распадот на комунистичкиот режим во 1989 година, но жените при пораѓањето биле лажени при потпишување на согласности, а во некои случаи тие биле стерилизирани и по пораѓањето. На дел од нив им било кажано дека процедурата може да им го спаси животот.

Ваквите процедури траеле сè до 2012 година, кога чешките закони биле променети за да биде воведен задолжителен временски период помеѓу поднесување на барање за стерилизација и исполнување на процедурата.

Првиот народен правобранител во Чешка, собрал над 80 сведоштва за несогласно стерилизирање. Во 2005, чешкиот народен правобранител објавил дека министерството за здравство треба да даде одговор за овие постапки, а бил предложена и исплатата на надоместокот.

Чешкото министерство за здравство ќе ги спроведе барањата за надомест, иако допрва треба да објави кога ќе започне процесот. Жртвите кои ќе докажат дека биле подложени на процедурата пред 1990 година, ќе имаат право на надомест. Од стерилизираните по 1990 година ќе биде побарано да опишат како им се случила процедурата и да ги докажат своите тврдења најдобро што можат.

За Елена Горолова, социјална работничка од Острава која била стерилизирана на возраст од 21 година, овој потег е историска победа.

„Долго се боревме за да ја освоиме оваа битка – дел од жените денес се стари, а некои се починати. Мило ми е што може да се види зрак на правда“, изјавила Горолова за „Гардијан“.

Барбора Чернушакова, дел од „Амнести Интернешнл“ изјавила дека компензацијата бил важен чекор кон осигурување дека оние кои страдале ќе добијат правда.

„Се надевам дека усвојувањето на предлог законот за компензацијата ќе испрати порака и до другите земји во регионот, конкретно Словачка, која сè уште нема усвоено механизам за компензација“, истакнала Чернушакова.

Таа предупредува дека надоместокот не треба да стави крај на разговорот за расизмот кон Ромите во Чешка, забележувајќи дека Ромчињата сè уште се соочуваат со дискриминација во текот на образованието, бидејќи често се сегрегирани во специјални училишта со ограничен распоред. Според неа, Ромите во Чешка се соочуваат со дискриминација при вработување и при решавање на стамбените прашања.