Играниот филм „Сестри“ со светска премиера на филмскиот фестивал во Карлови Вари

Играниот филм „Сестри“ во режија на Дина Дума ќе има светска премиера на престижниот фестивал во Карлови Вари во Чешка, кој годинава ќе се одржи од 20 до 28 август.

Филмот кој е во продукција на „Лист Продукција – Скопје“ учествува во натпреварот „Источно од Западот“ кој е дел од официјалната програма. Оваа селекција, како што посочуваат од продукцијата е наменета за автори на прв и втор долгометражен филм од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот Исток и Северна Африка.

„’Сестри’ е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување“, информираат од продукцијата.

„Филмскиот фестивал во Карлови Вари е најголемиот фестивал во Република Чешка и најпрестижен во Централна и Источна Европа. Тој е еден од најстарите филмски фестивали од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Верлин, Венеција, Локарно, Сан Себастијан“, се додава во соопштението.

Инаку филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Р. Северна Македонија, и е регионална копродукција помеѓу Северна Македонија, Црна Гора и Косово.