На 12 часа пред изборниот молк Клековски најави справување со фантомски осигуреници

На 12 часови пред изборниот молк, директорот на Фондот за здравствено осигурување одржа изненаден брифинг со новинарите на кој информираше дека државата ќе го прочистувала списокот со здравствени осигуреници бидејќи имало лица кои повеќе не живееле во земјава, а сепак користеле бесплатни здравствени услуги кога доаѓаат во посета. Но, тоа ќе се правело од следната година од февруари а до тогаш ќе работела работна група. Таа ќе била составрна од вработени во ФЗО, Министерство за здравство, Управа за јавни приходи и Министерство за финансии. Познавачите велат дека ваквиот ненадеен брифинг може да има за цел да се влијае врз гласачите на изборите, особено оние што живеат во странство, пренесува Мета.мк.

„Вкупниот број на осигуреници е 1.836.302. Целта на ова преоценување е да се намали ризикот од злоупотреби и посебен фокус е основата за осигурување за лица со пониски и повисоки примања а не се вработени. По оваа основа, осигурани се 477.145 лица. Затоа е формирана работна група која треба да процени ризици од злоупотреби“, рече Клековски.

Тој најави и нови лекови на позитивната листа, кои како што рече, треба да се најдат од ноември.

„Се работи за два антикоагуланси – клексани, за кои ќе одобриме да влезат на позитивна лста за продолжено домашно лекување”, рече Клековски додавајќи дека овие лекови сега им се рефундираат на граѓаните.

Тој информираше и дека не била употребувана хипербарната комора во Кочани.

„Пациентите не сакаат да ја употребуваат оти им била клаустрофобична. Точно, може да предизвика таков ефект оти е тесен просторот. Повредните прескокнуваа термини од физикална, сега помина периодот на шок и на страв и сега има природно опуштање кај нив, но сега правиме напори тоа да се смени“, додаде Клековски.