На 11 март ќе биде прогласен добитникот на наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади

Вториот добитник на книжевната награда за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“ ќе биде соопштен на прес-конференција што ќе се одржи на 11 март, во 11 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје.

На настанот ќе се обратат членовите на жири-комисијата, составена од уредничката и писателка Оливера Ќорвезироска, писателот Ермис Лафазановски – прв добитник на наградата во 2025 година, и професорката по книжевност за деца Јованка Денкова. Тие ќе ги претстават резултатите од вториот конкурс и ќе го објават авторот на победничкиот ракопис.

На вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“, кој беше отворен од 11 септември 2025 до 11 јануари 2026 година, пристигнале вкупно 46 ракописи. Наградата е откупна и вклучува паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“. Наградата ќе му биде врачена на добитникот на посебен свечен настан.

Книжевната награда „Оливера Николова“ ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на познатата македонска писателка, на 11 март минатата година. Таа е посветена на делото и наследството на Оливера Николова, која почина на 3 ноември 2024 година.

Целта на наградата е да го одржи континуитетот на нејзиното значајно авторско дело преку симболично творечко надоврзување на нејзината трага во современата македонска книжевност, но и да придонесе за ревитализација на романот за деца и млади – жанр во кој Николова остави длабок печат.

На првиот конкурс, од вкупно 38 пристигнати ракописи, наградата ја освои романот „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски. Во најтесниот избор тогаш беше и ракописот „Сам во рој“ од Иван Дричко, псевдоним на Сашо Кокаланов.