„Книжевната сцена во современиот културен контекст“ – книжевна дискусија во КИЦ

Книжевната дебата „Книжевната сцена во современиот културен контекст“, која ќе адресира важни општествени прашања преку книжевните дела на учесниците- автори, односно: современите предизвици на книжевноста и врските меѓу културната продукција, уметноста, културните идентитети и медиумската култура, ќе се одржи на 6 декември, во Културно информативен центар (КИЦ).

Со почеток од 12 часот напладне, модераторка на настанот биде авторката, новинарка и културна истражувачка, Ана Јовковска, која воедно е и организаторка на настанот.

На трибината, говорници ќе бидат писателот Петар Андоновски, писателот и преведувач Живко Гроздановски, авторката и уредничка Јулијана Величковска и авторот и уредник Владимир Јанковски.

„Настанот е замислен како еден вид платформа за креативен дијалог и критичко размислување со современи македонски автори кои имаат значајна улога во креирањето на моменталните книжевни текови, културни теории и политички светогледи“, истакнуваат од КИЦ.

Дебатата се одржува во рамки на програмата за литературна дејност „Македонски книжевни текови“ на КИЦ, која цели кон развој и афирмација на литературата и издавачката дејност во Република Македонија.