Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во јануари годинава поднесе тужба против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното претпријатие „Комунално“ поради непреземање мерки за справување со дивата депонија во градот, информираат од здружението.
Како што посочуваат тие, опстојувањето на депонијата, без да се почитуваат и извршуваат обврските кои тужените ги имаат врз основа на законот за животна средина, законот за управување со отпад, како и националните и локални стратешки документи од областа на управување со отпадот, предизвикуваат, како што потенцираат, сериозни штети на животната средина и здравјето на луѓето.
„Врз основа на изготвено вештачење, Македонското здружение на млади правници бара од Основниот суд Струга да утврди дека тужените го повредиле правотo на здрава животна средина, правото на живот, правото на почитување на приватниот и семејниот живот на начин што во периодот од 2006 година до 2021 година не презеле соодветни мерки и активности за спречување, превенирање или намалување на штетните последици по човечкиот живот и здравје предизвикани од загадувањето на животната средина, во контекст на дивата депонија“, стои во соопштението на МЗМП.
Со тужбата, тие бараат од Основниот суд Струга да ги задолжи тужените да забранат понатамошно депонирање на било каков отпад на депонијата и да извршат деконтаминација и рекултивирање на просторот во и околу депонијата.
Потоа, тие бараат од тужените страни да изготват и реализираат софистициран план за селектирање и рециклирање на отпадот на територијата на Општината, но и да го зајакнат капацитетот на инспекциските служби од областа на заштитата на животната средина.
Проблемот со дивата депонија се актуелизираше во 2017 година, кога неколкупати беа организирани протести на кои се бараше решение за ваквиот проблемот на стружани.