Стружани запалија ѓубре пред општината во знак на протест против дивата депонија

Жителите на Струга и денеска продолжија со протестите, барајќи итно да се реши проблемот со дивата депонија. Тие пред општинската зграда запалија ѓубре, како еден вид на перформанс, потсетувајќи дека депонијата го загадува воздухот во градот, но и околината.

Тие велат дека се уште нема конкретни решенија, иако министрите без ресор  и животна средина веќе се одзваа на апелот од граѓаните и излегоа на терен. Сепак, тие не изнесоа конкретни временски рокови за тоа кога стружани ќе почнат да дишат чист воздух.

Вчера во депонијата избувна пожар, кој се уште гори.

Пожарникарите не можат да се справат со огнот, а немаат ни целосен пристап до депонијата.

Министерството ја препушти работата на експертски тимови кои деновиве ќе ја испитуваат состојбата, а заклучоците ќе ги изнесат на владина седница која дополнително ќе одлучува како ќе постапува и ќе го решава проблемот.