МЖСПП: Винилхлорид мономерот од Охис подготвен за транспорт

Mинистерството за животна средина и просторно планирање информираше дека е завршено безбедно преточување во нова цистерна на винилхлорид мономерот кој што се наоѓа во кругот на поранешниот индустриски комплекс „ОХИС“, а чие излевање лани предизвика сериозна загриженост кај граѓаните.

О2 Иницијатива: Зошто граѓаните, а не фирмата ја пријавиле хаваријата во ОХИС?

Од Министерството велат дека согласно информациите добиени од компанијата „Екоцентар 97“ ДООЕЛ, Скопје, и извршените вонредни инспекциски надзори на Државниот инспекторат за животна средина, при интевенцијата биле запазени сите безбедносни прописи, а активноста била реализирана од компанијата „CURIUM“ од Франција, која има долгогодишно искуство и е специјализирана во преточување на ваков вид на опасен отпад.

Сега, додаваат,  се очекуваат точните датуми на транзит на цистерната со опасен отпад низ од државите до конечната дестинација- Германија.

„До 2 март 2020, реализирани се три од вкупно пет планирани извози на опасен отпад спакуван во соодветна амбалажа за меѓународен транспорт. До сега се извезени околу 55 од вкупно 80 тони опасен отпад кој веќе е пристигнат и предаден во Валорек Сервисис АГ Базел, инсенератор во Швајцарија каде што на безбеден начин ќе се уништи. Останатите количини на хемиските супстанции се безбедно спакувани во соодветна амбалажа и се очекува во текот на наредните две недели успешно да се транспортираат и извазат од земјата“, сооптија од Министерството.

Оттаму додаваат дека по завршувањето и на последната активност за преточување и соодветно пакување на винилхлорид мономер, како и негов извоз во Германија, во компанијата „SUEZ“ (Sonderabfallgesellschaft mbH, Schkopau, Germany), која поседува дозвола за горење на опасен отпад, ќе бидат реализрани сите активности предвидени со проектот „Безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС Скопје”, спроведуван од компанијата Екоцентар 97 ДООЕЛ, Скопје.

Инспекција во кругот на ОХИС, се излеа вода во која имало хемикалија