Инспекција во кругот на ОХИС, се излеа вода во која имало хемикалија

Острата миризба која утрово се ширеше во околината на фабриката ОХИС била поради излевањето вода со која се чистела цистерна каде претходно бил складиран метил акрилат мономер. Истекувањето се случило кога скопската фирма Екоцентар 97, која препакува и отстранува течни отпадни хемикалии од поранешната фабрика, ја чистела цистерната за превоз на опасен отпад. При перењето попуштил вентил и течноста се излеала во бетонска када која е надвор од објектот, соопштија од Министерството за животна средина.

Велат дека од лабораторијата на МВР е земена проба која ќе биде лабораториски испитана, по што ќе следува понатамошно водење на инспекциската постапка. Правниот субјект бил веднаш задолжен да работи на терен цела ноќ за целата излеана течност од кадата да биде преточена во соодветно пакување. Додаваат дека отпадниот материјал е планирано да биде извезен надвор од земјава.

Скопската фирма, во август месец годинава, врз основа на одобрен Елаборат за животна средина од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, станала изведувач на активностите, во депото каде бил лоциран историскиот течен опасен отпад, а во соработка со подизведувачот бугарската фирма Сириус Стар од Русе.

„Преточувањето на течниот опасен историски отпад од старите буриња безбедно се направи со соодветна опрема во нови ADR специјални буриња кои се сместени во затворен наменски магацин и истите се обележани согласно Правилникот – Листа за видови отпад. Активностите беа проследени со вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Складираните буриња е планирано да се извезат надвор од државата согласно важечките законски процедури за извоз од Законот за управување со отпадот“, додаваат од Министерството за животна средина.

Попладнево и едницата на АРМ за нуклеарно, хемиско и биолошко оружје влезе во ОХИС за да ја санира состојбата откако истече токсичен отпад. Од Институтот за хемија тврдат дека метил акрилат мономер кој истекол со водата, бил токсичен.