МЗ: Започна издавањето сертификати за прележан Ковид-19

Министерството за здравство сопшти дека во Националниот систем „Мој Термин“ е воведена можноста за издавање на сертификат за прележан Ковид-19 кој ќе може да се користи како доказ при патување надвор од земјата.

Како што соопштија од Министерството, сертификатот се издава за сите лица кои во последните 9 месеци биле позитивни на SARS-COV-2 и се регистрирани како позитивни случаи во Националниот систем.

Тоа практично значи дека овој сертификат ќе можат да го добијат сите граѓани кои изминатите 9 месеци имале позитивен ПЦР тест или пак позитивен резултат од брзите тестови на Ковид-19 со кој влегле во Националниот систем и имаат дата на позитивен резултат. Од МЗ појаснуваат дека овој сертификат нема да се издава на оние граѓани кои единствено правеле серолошко (преку крв) тестирање на антитела и преку тој тест добиле резултат дека претходно биле изложени на вирусот.

Сертификатот може да се преземе кај матичниот лекар, или со најава на страницата vakcinacija.mk.

Сертификатот кој се издава е на македонски и англиски јазик, содржи податоци за лицето (име и презиме, ЕМБГ, ЕЗБО, датум на раѓање, пол) тип на тест, дата на тестирање, дата на позитивен резултат, Здравствена установа (лабораторија) каде е направено тестирањето, како и QR-код. Документот истовремено е заверен со дигитален печат на Министерството за здравство.

Повеќе информации за условите кои важат за граѓаните од Северна Македонија за патување во странство може да се најдат на сајтот на МНР.